УТРЕ ДЕН НА ЖАЛОСТ ВО КУМАНОВО ПОРАДИ СМРТТА НА ЧЕТИРИ ЛИЦА ВО ЕКСПЛОЗИЈА НА ПЛИНСКА БОЦА

    УТРЕ ДЕН НА ЖАЛОСТ ВО КУМАНОВО ПОРАДИ СМРТТА НА ЧЕТИРИ ЛИЦА ВО ЕКСПЛОЗИЈА НА ПЛИНСКА БОЦАСоветниците едногласно одлучија 25 февруари да биде Ден на жалост во Општина Куманово. При тоа се откажуваат сите забавни, културни и спортски манифестации, а угостителските објекти се обврзани да емитуваат сериозна музика. Знамињата во Општината ќе бидат поставени на половина копје. (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Куманово, денеска на вонредна седница донесе одлука вторник да биде прогласен за Ден на жалост, поради трагедијата која им се случи на семејствата Алими и Сакипи во селото Романовце. Во несреќата загинаа три деца и еден повозрасен член на семејството, а уште 6 лица се борат за живот.

    Советниците едногласно одлучија утре, 25 февруари да биде Ден на жалост во Општина Куманово. При тоа се откажуваат сите забавни, културни и спортски манифестации, а угостителските објекти се обврзани да емитуваат сериозна музика. Знамињата во Општината ќе бидат поставени на половина копје.

    „Во вакви тешки моменти тешко можат да се најдат зборови на утеха. Човечки е да тагуваме и да бидеме емотивни, но и да ја споделиме болката со семејствата и да се обидеме да им помогнеме во овие исклучително тешки моменти. Кога ќе изгубите некој близок член на семејството загубата е ненадоместлива, а болката огромна и навистина треба време повторно да продолжите со својот живот и да ја гледате иднината на останатите членови на семејството. Семејствата Алими и Сакипи се во исклучително тешка состојба, но со тоа што сите ние како граѓани на Општина Куманово, независно од етничката, верската, политичката и било која друга определба, независно од тоа каде живееме и каде работиме, сочувствуваме со нив и се обидуваме со нив да ја споделиме нивната тага и болка, со зборови на утеха да им дадеме малку надеж во овие тешки денови дека не се сами во оваа трагедија и во овие тешки момент“, изјави претседателката на Советот, Атина Мургашанска.

    Таа најави дека Советот во рамките на своите надлежности и можности ќе помогне на семејствата во материјална и финансиска помош. Поддршка и сочувство на семејствата и побрзо закрепнување на повредените изразија и претставниците на сите советнички групи, како и градоначалникот Максим Димитриевски.

    „Куманово ќе прогласи ден на жалост бидејќи тоа е најмалку можеме да направиме ние како сограѓани. Во овие тешки моменти сите сме сплотени и сите сме заедно со семејствата, им стоиме на располагање да помогнеме во секој момент институционално, но и вонинституционално, за колку толку да им ја ублажиме болката на членовите на семејствата и на сите кумановци, кои ги потресе овој немил настан“, рече градоначалникот Димитриевски.

    Советниците беа едногласни дека истражните органи треба што побрзо да ги откријат причините за несреќата, а државата да преземе мерки за поголем контрола на производителите и продавачите на плински боци.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира