НЕВРЕМЕТО ПОКАЖА ДЕКА МОРА ДА СЕ ПОСЛУША РАБОТНАТА ГРУПА И „СКОПЈЕ 2014“ ДА СЕ УРНЕ, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ

    НЕВРЕМЕТО ПОКАЖА ДЕКА МОРА ДА СЕ ПОСЛУША РАБОТНАТА ГРУПА И „СКОПЈЕ 2014“ ДА СЕ УРНЕ, РЕЧЕ ШИЛЕГОВШилегов вели дека после изборите нема да има дилеми, како изминативе три години, да се донесе политичка одлука како да се постапува со објектите и спомениците од „Скопје 2014“; - Стиропорната фасада на МЕПСО што падна од ветерот синоќа. (Фото: Фејсбук)

    Во средното хемиско училиште „Марија Склодовска-Кири“ денеска нема настава, бидејќи екипи на Пожарната брига и ЈП „Улици и патишта“ го отстануваат покривот кој беше уништен во вчерашното невреме. Градоначалникот Петре Шилегов вели дека летово кога се вршела санација на фасадата на училиштето не бил вклучен и покривот, бидејќи тој бил реновиран во 2009 од Министерството за образование кога министер бил Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ.

    „Проценката беше дека нема потреба да се врши реконструкција на нешто што било направено бргу. За жал, како што можете да видите, состојбата на покривот е таква каква што е, што покажува дека во минатото при градежните работи не се внимавало на квалитетот. За разлика од покривот, фасадата која ние ја направивме е во добра состојба, нема никакво оштетување за разлика од другите фасади од ‘Скопје 2014’“, рече градоначалникот Шилегов.

    Откако во вчерашното невреме беше уништена и барокната фасада на државната компанија МЕПСО, за која беа потрошени 11 милиони евра, градоначалникот Шилегов рече дека токму тоа е уште еден доказ дека проектот „Скопје 2014“ треба да се урне.

    „Конечно, некои дилеми кои ги имаше за носење на политичка одлука како да се постапува со објектите и спомениците од ‘Скопје 2014’, мислам дека ќе исчезнат. Очекувам после изборите новата влада предводена од СДСМ да ги послуша советите на работната група за ‘Скопје 2014’ и ова брутално силување на Скопје, конечно да се реши на соодветен начин. Се надевам дека новата влада ќе изнајде и пари да се отстранат и бродовите од Вардар, кои исто така се опасност при поголеми врнежи“, рече Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира