Не може да има влада во оваа земја без албанскиот победник на изборите, рече денеска потпретседателот на ДУИ Изет Меџити, како реакција на вчерашниот договор на СДСМ и Движењето Беса за заеднички настап на изборите на 12 април.
„Ние како најголема албанска партија и гарант на Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство, имаме задача да ги заштитиме правата на Албанците и затоа не може да има влада во ова земја без албанскиот победник на демократски избори. Албанскиот претставник во владата го определува волјата на Албанците, а не волјата на сојузите и канцелариите“, рече Меџити на денешната партиска прес-конференцијата.
За вчерашната изјава на Заев дека нема да дозволи да биде уценуван од ниту една албанска, Меџити рече дека токму условувањето на ДУИ ја донесе земјата во НАТО, на прагот на Европската унија и до целосната етничка рамноправност.
„Да, вистина е, ние ги условувавме македонските партии за промена на името на државата, за промена на Уставот, за да станеме дел од НАТО и ЕУ, за да имаме двојазична држава, за да имаме претседател на Собранието, Албанец, за да постигнеме Договор со Бугарија, за ветинг, за работни места за Албанците“, рече Меџити.
А. АНТЕВСКА