АМЕРИКАНСКА ИНСПЕКТОРКА ГИ ОБУЧУВАЛА ИНСПЕКТОРИТЕ НА ГРАД СКОПЈЕ КАКО ДА КОНТРОЛИРААТ ЗАГАДУВАЧИ

    АМЕРИКАНСКА ИНСПЕКТОРКА ГИ ОБУЧУВАЛА ИНСПЕКТОРИТЕ НА ГРАД СКОПЈЕ КАКО ДА КОНТРОЛИРААТ ЗАГАДУВАЧИГрадоначалникот Петре Шилегов рече дека лани, за разлика од изминатите години, инспекторите извршиле многу повеќе контроли и изрекле повеќе казни.(Фото: Град Скопје)

    Федерална инспекторка за животна средина од САД, месец и половина го обучувала инспекторите на Град Скопје, кои заедно со неа вршеле инспекциски надзори, спроведувале контроли и разменувале искуства за начинот и постапките на контролирање.

    „Договорено е со амбасадата на САД во земјава соработката да продолжи и во иднина, со слични активности. Токму советите и обуките придонесоа Инспекторатот лани да постигне резултати кои се многу подобри од другите години. Лани зголемен е и бројот на инспектори за животна средина, од 4 на 8 инспектори. На наше инсистирање, беше сменет правилникот за граничните вредности за дозволените нивоа на емисии и видови на загадувачки супстанции во отпадните гасови и пареи кои ги емитираат стационарните извори во воздухот, без кој во минатото им биле врзани рацете на инспекторите. Го зголемивме бројот на возила од 3 на 8 што се неопходни за брза и ефикасна реакција. Добивме и донација од УНДП, два дрона целосно опремени со термални камери и камери за ноќно снимање што ќе придонесат за откривање и лоцирање потенцијални загадувачи“, рече раководителот на Инспекторатот на Град Скопје Мирослав Богдановски.

    Градоначалникот Петре Шилегов рече дека лани, за разлика од изминатите години, градските инспекторите извршиле многу повеќе контроли и изрекле повеќе казни.

    „Инспекторатот на Град Скопје е прва институција од ваков вид во нашава држава која работи 24 часа. Во однос на комуналната инспекција, за 237 проценти е зголемен инспекциски надзор на комуналните инспектори односно во 2018 година извршени се 92 контроли, а во 2019 година имало 310. Во 2019 година изречени се 127 платни налози, што е за 807 отсто повеќе во однос на 2018 година кога се изречени само 14 налози. Процесирани се 115 барања за поведување прекршочна постапка во 2019 година, што е за рекордни 1.177 отсто повеќе во однос на 2018 година кога се процесирани 9 акти“, рече Шилегов.

    Шилегов и Богдановски кажаа дека многу поуспешно ќе можат да функционираат кога ќе се воведе Закон за комунална полиција, кој се надеваат ќе биде донесен после изборите.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира