НАМЕСТО ВО МАЈ, ВЕНЕЦИСКОТО БИЕНАЛЕ ЗА АРХИТЕКТУРА СЕ ОДЛОЖУВА ЗА АВГУСТ ПОРАДИ КОРОНАВИРУСОТ

    НАМЕСТО ВО МАЈ, ВЕНЕЦИСКОТО БИЕНАЛЕ ЗА АРХИТЕКТУРА СЕ ОДЛОЖУВА ЗА АВГУСТ ПОРАДИ КОРОНАВИРУСОТВенеција, една од од најатрактивните туристички дестинации е празна поради ширењето на коронавирусот низ светот. (Фото: Анса)

    Седумнаесетотто издание на Венециското биенале за архитектура се одложува поради ширењето на коронавирусот, и наместо на 23 мај, ќе се отвори на 29 август. Најважната архитектонска смотра ќе трае до првично определниот датум за затворање, 29 ноември, што значи дека наместо шест, ќе трае три месеци.

    Во соопштението од Биеналето, кое годинава ќе се одржи на тема „Како ќе живееме заедно“, стои дека со оглед на тоа дека треба да дојдат архитекти и институции од над 60 земји, „нема да може да се одржи поради превентивните мерки за јавни собирања на Владата, по зголемувањето на бројката на заразени земји низ светот“.

    Повеќе земји како САД, Турција и Австралија им забранија на патниците кои биле во Кина изминатиов  месец да влезат на нивна територија.

    Италија вчера донесе одлука училиштата и универзитетие да бидат затворени до средината на месецов, а денес пак одлучи да се затворат театарите и киносалите, и ги забрани сите јавни собирања.

    На Биеналето, земјава ќе ја претставува проектот „Сега“ на група архитекти на чело со Бекир Адеми. „Сега“ е проект на проектантското биро „Бина архитектура“ на Адеми со групата коавтори Ана Рафаиловска, Јордан Шишовски, Амине Адеми, Енис Абовски, Енес Север, Дрен Невзати, Атанас Наумовски, Гаврил Бошковски, Елмедина Хасани, Нита Чаволи, Аида Бакали Салиху, Ивана Чаловска.

    Комесар на проектот е Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија на Северна Македонија, куратори се Бекир Адеми и Јордан Шишовски, а соработници се професорот Ферид Мухиќ и Рамуш Муарем.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира