Сите производствени капацитети, маркетите, аптеките, банките и поштата во Дебар и Центар Жупа ќе работат. Редовно по посебни протоколи ќе се врши и снабдување со нафта, кажа техничкиот премиер Оливер Спасовски на прес-конференција во Владата, откако вчера се воведе кризна состојба во овие две општини.
Спасовски кажа дека синоќа сите институции и органи соодветно ги спроведувале мерките, граѓаните ги почитувале препораките и немало движење на населението.
„Бидете убедени дека ова е најдобро решение и ќе даде најбргу резултат. Ве замолувам, да нема поголема паника. Воспоставен е систем за згрижување на секој граѓанин од Дебар и Центар Жупа. Рестораните и кафулињата не работат, но под посебна заштита ќе работат објектите за производство на храна и со посебни мерки ќе се врши дотур во маркетите. Апелирам граѓаните што е можно повеќе да останат дома, да излегуваат само за да купат потребни намирници“, рече Спасовски.
Тимови на Министерството за здравство ја следат состојбата во Дебар и Центар Жупа со евентуално новозаразени со коронавирусот. Министерството за внатрешни работи го контролира влезот и излезот од градот. Излез е дозволен само за животозагрозувачки ситуации со потврда од доктор. Армијата исто така е вклучена во спроведување на кризната состојба и чување на државната граница во делот на Дебар.
Спасовски кажа дека денеска зборувал телефонски и со лидерите на сите политички партии, кои најавиле дека нема да одржуваат никакви предизборни активности до 23 март, кога почнува изборната кампања.
На новинарското прашање дали ќе се затворат целосно границите, Спасовски одговори дека сега има забрана за влез на странски државјани од ризичните земји, „ситуацијата се следи од час за час и секојдневно се носат одлуки“.
А. АНТЕВСКА