Општина Битола отвори телефонска линија на која старите и изнемоштени лица, лица со попреченост и неподвижните ќе можат да добијат помош додека трае опaсноста од корoнавирусот. Телефонската линија 070/791-770 ќе работи секој работен ден од 8 до 16 часот и преку неа ќе може да се побара помош за достава на лекови и храна.
Од Општина Битола апелираат сите физички лица кои сакаат да помогнат и да бидат волонтери тоа да не го прават индивидуално, туку да се пријават во Црвениот крст во Битола.
„Официјален партнер на Општина Битола при спроведувањето на потребните активности во поддршка на населението е Црвениот крст од Битола. Сите правни или физички лица, кои што сакаат да помогнат на некој начин, да се пријават во општинската организација на Црвениот крст. Доколку има потреба, од лицата во Црвениот крст ќе им бидат дадени соодветни насоки за натамошно делување. Ангажираните лица ќе бидат евидентирани и со себе ќе носат легитимации издадени од Црвениот крст“, рече градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска.
Во Битола веќе се јавија и приватни фирми кои делат бесплатни маски за нивните муштерии.
Општина Битола во соработка со наставниците, започна со задавање на интернет содржини за учениците. Интернет платформата, постојано се надополнува со нови наставни содржини, со цел учениците да можат дома да работат на совладување на наставниот материјал. Содржините се поставени на веб страницата на Општина Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА