ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ СЕ ЗАДОЛЖИ ЗА ДА ИМА ШТО ДА РАБОТАТ ФИРМИТЕ, РЕЧЕ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ШИЛЕГОВ

    ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ СЕ ЗАДОЛЖИ ЗА ДА ИМА ШТО ДА РАБОТАТ ФИРМИТЕ, РЕЧЕ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ШИЛЕГОВГрад Скопје ја намали комуналната такса за закуп на јавен простор од 15 на 5 денари по квадрат за цела 2020 година и фирмарината од 7.000 на 4.000 денари. (Фото: К.Попов)

    Град Скопје ќе земе кредит, за да може домашните фирми да работат на изградба на улици, мостови и комунална инфраструктура. Градоначалникот Петре Шилегов денеска најави дека наместо за луна паркот, Градот ќе се задолжи за 12 милиони евра, за да се овозможи граѓаните кои работат во стопанството да ги задржат своите работни места и полесно да ги пребродат економските последици од справувањето со пандемијата на КОВИД-19.

    „Ги уверувам нашите сограѓани дека ова лето улиците во Скопје ќе продолжат да се градат, багерите повторно ќе работат. Ќе продолжат да се прават големите паркови што ги почнавме, мостовите и реновирањето на јавниот превоз. Ќе продолжиме да ги даваме истите социјални услуги и ќе ги адаптираме културните содржини на околностите додека не ги отвориме повторно. Фокусирани сме на враќањето на парите назад во стопанството, преку обезбедувањето на повеќе средства за капитални инвестиции и одлагање на неприоритетните инвестиции како луна паркот“, кажа Шилегов.

    На денешната седница на Советот на Град Скопје која се одржа на отворено, беше одлучено комуналната такса за закуп на јавен простор да се намали од 15 на 5 денари по квадрат за цела 2020 година, да се намали фирмарината за 2020 година за стопанските субјекти од 7.000 на 4.000 денари. Комуналиите ќе можат да се плаќаат на 18 наместо на 12 месечни рати и им се препорачува на училишните одбори закупувачите на простор во средните училишта да бидат ослободени од месечните кирии за целокупното времетраење на вонредната состојба.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира