Војска од утре ќе помага да се воспостави ред пред банките во Куманово, откако денеска владееше вистински хаос при исплатата на социјалната помош. Редиците денеска не можеа да ги контролираат општинските редари ниту полицајците, затоа Општината побарала асистенција од војската.
„Денеска на терен излезе тим од 10 комунални редари од Општината и по еден полицаец. Ги подредивме луѓето на безбедна оддалеченост и на сите им поделивме заштитни маски. Се обидовме да воведеме ред, но за жал, со еден полицаец не успеавме. Затоа побаравме поголема асистенција од полицијата, а дополнително и војската да се вклучи во редарските служби што ги воведовме на сите пунктови. Од утре ќе бидат вклучени тимови на АРМ, а паралелно и АБХО тимови кои се ангажирани за дезинфекција на тие простории“, изјави градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, кој воедно е командант на Општинскиот штаб за заштита и спасување.
Градоначалникот додава дека уште пред седум дена, како кризен штаб побарале од банките да воведат редарски служби не само во објектите туку и надвор од нив каде обично се создаваат гужвите, но досега никој не одговорил на нивното барање.
Општинскиот штаб денеска поднесе барање до Владата да го регулира со акт вклучувањето на припадниците на АРСМ во редарски тимови на ОШЗС во градот за да се спречи создавање на метеж пред банките, поштите, центар за социјални работи и други пунктови каде што се собираат граѓани за шалтерски исплати, и да се спроведуваат препораките на Владата за држење на минимум растојание на граѓаните помеѓу себе и задолжително носење заштитни маски.
Граѓаните кои денеска беа да земат социјална помош, исто како и пензионерите пред неколку дена, велат дека тие не се виновни за гужвите, бидејќи мора да ги подигнат парите од банките затоа што немаат друг извор за егзистенција, а банките работат со редуцирани вработени и скратено работно време и затоа целиот процес оди бавно.
Сметајќи го за една од најголемите проблеми и за начин за ширење на коронавирусот, Општина Куманово вчера побара да се смени начинот на исплата во банките, за да се заштитат граѓаните.
„Бараме Владата да донесе одлука за средства кои се исплаќаат во вид на социјална помош и пензии да бидат исплаќани преку ЈП Македонски пошти и други субјекти кои имаат можност за таков сервис дирекно до граѓаните, за да се надмине постојаниот метеж пред банките и другите услужни установи кои вршат шалтерска исплата и услуга, бидејќи при вакви услуги евидентно не се почитуваат препораките на Владата од граѓаните“, соопштија од штабот.
С. НИКОЛИЌ