ДОСЕГА ТРИЕСЕТ И СЕДУМ ЛИЦА СЕ ИЗЛЕКУВАНИ, ВКУПНО 30 ПОЧИНАА ОД КОРОНАВИРУС, ЗАБОЛЕНИ 72 ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ

    ДОСЕГА ТРИЕСЕТ И СЕДУМ ЛИЦА СЕ ИЗЛЕКУВАНИ, ВКУПНО 30 ПОЧИНАА ОД КОРОНАВИРУС, ЗАБОЛЕНИ 72 ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИНа Инфективната клиника во Скопје се хоспитализирани вкупно 66 пациенти, од кои 7 пациенти се на механичка вентилација. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Три лица починаа, седуммина се излекуваа, а 18 се новозаболени од коронавирус, се последните податоци за изминатите 24 часа од Министерството за здравство и од Институтот за јавно здравје.  Вкупно се регистрирани 617 позитивни пациенти, 37 се излекувани, 30 се починати, а активни случаи се 553. Регистрирани се 72 случаи на заболување меѓу здравствени работници.

    Денеска на Клиниката за инфективни и фебрилни состојби во Скопје починааа две лица од Куманово, 73-годишен пациент и 27-годишна родилка, која на 30 март роди недоносено машко бебе. Бебето е негативно на коронавирус и е на интензивна нега во добра состојба, под постојан надзор на Клиниката за гинекологија и акушерство. Во својот стан во Кавадарци е пронајдено починато лице, странски државјанин на возраст од 44 години, кај кого постмортем е земен брис кој вчера потврдил присуство на вирусот.

    „Кај починатото лице од Куманово се присутни симптоми на заболувањето, коморбидитети и бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести. Странскиот државјанин е со престој во државата во период од 4 месеци“, стои во статистиката на Институтот за јавно здравје.

    Од Клиниката за инфективни и фебрилни состојби во Скопје денеска се испишани 5 оздравени пациенти, кои по два негативни контролни бриса, во добра општа состојба заминуваат дома, објави првично Министерството, за доцна попладнево да ја дополни веста дека се регистрирани уште две лица од Штип оздравени од КОВИД-19, кои со лесна слика на болеста беа на домашно лекување, а под постојан надзор на лекарскиот тим од болницата во Штип.

    Дистрибуција на заболените од КОВИД-19 според возрасна група. (Извор; Институт за јавно здравје)

    Кај овие лица, согласно протоколот, беа направени два контролни теста кои покажаа негативен резулат на коронавирусот. Во болницата во Штип од КОВИД-19 се лекуваат 4 пациенти, а Штипската болница следи уште 14 пациенти со лесна форма на болеста кои се на домашно лекување.

    На Инфективната клиника во Скопје се хоспитализирани вкупно 66 пациенти, од кои 7 пациенти се на механичка вентилација. Во Градската општа болница „8 Септември“ примени се 4 нови суспектни пациенти на коронавирус. Вкупната бројка на позитивни и суспектни на КОВИД-19 во оваа болница е 26 пациенти, од кои 8 се во тешка состојба, а 3 пациенти се на респираторна машина.

    Во болницата во Битола исто така нема прием на нови пациенти. Четворицата пациенти кои се на хоспитален третман се стабилни.

    Во изминатите 24 часа, регистрирани се 18 нови случаи, позитивни на коронавирусот. По градови: Скопје – 7, Куманово – 2, Прилеп – 4, Битола – 2, Кавадарци -1 (починатиот), Крушево – 1 и Кочани -1.

    Најголем дел од регистрираните случаи се на возраст над 60 години, а во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 8 женски и 10 машки лица. Вкупно 12 лица имале контакт со веќе потврден случај на КОВИД-19 во државата, а не е регистрирано лице кое има историја на неодамнешно патување (во последни 14 дена).

    Тестирани се вкупно 351 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на САРС-КоВ-2. Позитивни се 18 или 5,1% од тестираните.

    Во однос на дистрибуцијата по пол, од вкупно 617 случаи, регистрирани се 297 машки и 320 женски лица. Возраста на заболените се движи од 0 до 91 години (медијана – 46 години). Најголем број на заболени – 131, се на возраст од 50-59 години  (21,2%).

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира