Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлог лицата, кои во вторникот беа приведени во скопската населба Ченто оти не го почитуваа полицискиот час, да бидат казнети со по 5.000 евра. Јавен обвинител денес поднесе предлог за определување казнен налог против три лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
„Обвинетите на 13 април околу 22 часот, во скопско Сингелиќ (Ченто н.з.) биле затекнати надвор од нивните домови, без да поседуваат дозвола за движење, со што ја прекршиле Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија. Основното јавно обвинителство Скопје на Основниот кривичен суд Скопје му предложи на тројцата обвинети да им изрече парични казни од 100 дневни глоби, а висината на една дневна глоба да биде определена на износ од 50 евра“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
За протестот којшто беше организиран од жителите откако тројцата граѓани беа приведени, од Обвинителството велат дека Министерството за внатрешни работи постапува за идентификација на останатите лица кои во знак на протест излегоа на улиците во Ченто и го прекршија полицискиот час.
„Откако МВР ќе го документира целиот кривично-правен настан и ќе поднесе кривична пријава, Основното јавно обвинителство Скопје со приоритет ќе постапи согласно Законот за кривична постапка“, се вели во соопштението.
- ПРОТЕСТ ВО СКОПСКО ЧЕНТО СРЕДЕ ПОЛИЦИСКИ ЧАС ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕ НА ТРОЈЦА ПРИВЕДЕНИ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС
- ИНЦИДЕНТОТ ВО ЧЕНТО Е ТЕНДЕНЦИОЗЕН И СО ПОЛИТИЧКА ЗАДНИНА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ЧУЛЕВ
А. АНТЕВСКА