КУМАНОВО БАРА БЕСПЛАТНИ МАСКИ ПО ВЛАДИНАТА ОДЛУКА ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛНО НОСЕЊЕ

    КУМАНОВО БАРА БЕСПЛАТНИ МАСКИ ПО ВЛАДИНАТА ОДЛУКА ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛНО НОСЕЊЕСостанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување се одржа по пат на конференциска врска, бидејќи пет члена и командантот, градоначалникот Максим Димитриевски, се заразени од коронавирус. (Фото: СДК.МК)

    Општинскиот штаб за заштита и спасување на Куманово побара од Владата да обезбеди бесплатни заштитни маски за граѓаните, откако таа донесе одлука за нивно задолжително носење од среда, како мерка за спречување на понатамошно ширење на коронавирусот. Владата на 18 април одлучи жителите на Куманово, Прилеп и Тетово од 22 април да не смеат да излезат од дома без да носат маска.

    „Бараме од Владата да обезбеди одредена количина на заштитни маски кои бесплатно ќе се достават до граѓаните на Општина Куманово, согласно донесените мерки за нивно задолжително носење“, соопшти Штабот.

    На состанокот исто така е донесена одлука да се побара од Владата да обезбеди опрема со мегафони за известување кои ќе се користат за спроведување на најновите мерки, како и да се регулира начинот на доставување на негативните и позитивните резултати од тестирањето на коронавирус до граѓаните.

    Од Штабот апелираат до граѓаните на Општина Куманово да се придржуваат на мерките и препораките на Министерство за здравство и Владата и да се однесуваат одговорно.

    Состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување се одржа по пат на конференциска врска, бидејќи пет члена и командантот, градоначалникот Максим Димитриевски, се заразени од коронавирус. Од Штабот напоменуваат дека останува на сите досегашни барања, препораки и сугестии упатени до Владата на РСМ и сите други државни институции и комисии.

    Во Куманово денеска се регистрирани нови 9 случаи, а потврдени се вкупно 338 случаи, најмногу по број на жители во државата.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира