Дали одложените парламентарни избори ќе се одржат летово ќе може да се кажe за неколку денови откако ќе имаме податоци дали вирусот стивнува, кажа на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Иако во земјава има тенденција на стивнување на КОВИД-19, Филипче побара да се почека да помине првомајскиот продолжен викенд, па да се даде анализа и насоки како понатаму да се враќа нормалниот живот.
На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали изборите можат да се одржат летово, со оглед на тоа дека наесен е можен нов пик на вирусот, Филипче рече дека ако факторот на трансмисија е под 1 како што е сега на територијата на цела држава, ќе може да се планираат и други активности.
„До овој момент, не сме зборувале на состаноците на Комисијата за заразни болести за изборите. Внимателни сме во однос на новодијагностицирани пациенти, да не има некаде скриен кластер. Сметам дека ако нема таква работа и трендот се задржи и во следните денови, сигурно во пролетните и летните месеци ќе бидеме во ситуација епидемијата да ја држиме под контрола“, рече Филипче.
Тој кажа дека предвидувањата за нов пик на вирусот наесен произлегуваат од таму што сите респираторни вируси се враќаат во есенските месеци.
„Доколку се појави нов пик наесен, тоа би довело во ситуација да имаме поголем број заболени со оглед на случаите на сезонски грип. Во таа насока одат предвидувањата и подготовките“, додаде Филипче.
Министерот Филипче денеска кажа дека се намалуваат и индикациите за тестирања, како преку пунктовите, така и во приватните лаборатории и „ова оди во насока на стишување, на намалување на епидемијата, нешто што го очекувавме во овој период“.
Во земјава досега има регистрирано 1.465 позитивни, оздравени се 738, починати 77, а активни случаи има 650.
Денеска, генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски кажа дека на гласање граѓаните ќе одат со заштитни маски и ракавици, а партиите нема да одржуваат митинзи.
А. АНТЕВСКА