Непознати крадци крадат врати во влезови на згради низ Скопје. Жители на скопската Општина Аеродром за САКАМДАКАЖАМ.МК кажуваат дека вчера за време на полицискиот час им биле украдени две двокрилни врати во влезот. Покрај вратите собрани се и сите железа околу зградата, капаци од шахти и делови од корпи за отпадоци.
„Вчера околу 18.30 часот, пред да почне полицискиот час си дојдов дома и во влезот имаше врата. Но, утрово кога одев на работа ги немаше двете влезни врати. Пријавивме во полиција, но сѐ уште никој не дошол да земе изјава од нас“, вели станар од зградата на булеварот Кузман Јосифовски-Питу.
Пред неколку дена врата е украдена во зграда и во населбата Капиштец.
„Среде бел ден, пред влезот имаше двајца мајстори кои работеа нешто околу влезната врата на влезот во зградата. Ми рекоа дека биле повикани од куќниот совет да ја поправат зашто не се затворала. Утредента забелешавме дека вратата ја нема, а мајсторите биле крадци кои јаизвадија целата двокрилна влезна метално-стаклена врата со цел да ја украдат“, вели жител на населбата Капиштец.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека имале пријава за украдена влезна врата на улицата Народен фронт, во населбата Капиштец.
„Излезено е на увид и се работи на откривање на сторителите“, велат од МВР.
Од таму велат дека за настанот во Аеродром ќе информираат во текот на утрешниот ден.
А. АНТЕВСКА