Општина Центар со донација од амбасадата на Русија во земјава постави спомен-обележје во чест на 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и 75-годишнината од завршувањето на Втората светска војна.
Спомен плочата е поставена на улицата 9 Мај, а денеска свечено ја открија градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ и рускиот амбасадор Сергеј Баздникин.
„Спомен-обележјето е подигнато во сеќавање на милионите војници кои ги положија своите животи во име на мирот и слободата. Денес, треба да бидеме помудри и да учиме од историјата. Да им бидеме благодарни на нашите предци, кои несебично се вклучија во битките и во борбите со окупаторот. Тие храбро и достоинствено ја извојуваа оваа голема победа за сите земји и народи и за враќање на светскиот мир, како една од највисоките цели на човештвото“, рече градоначалникот Богдановиќ.
Рускиот амбасадор Сергеј Баздникин рече дека споменикот во Скопје е прв од ваков вид и како прототип, или поточно извор на идејата за него, послужил споменикот на советските војници во рускиот град ‘Ржев.
Општина Центар денеска заврши и со реконструкција на улицата 9 Мај. Стариот и дотраен асфалт е заменет со нов, на вкупна површина од 1.076 метри квадратни, поставени се нови рабници, шахтите се нивелирани и реконструирани се тротоарите со нови префабрикувани бетонски елементи.
А. АНТЕВСКА