ВЕРНИЦИТЕ ВЛЕГОА ВО ЏАМИИТЕ ЗА ПРВПАТ ОТКАКО ПОЧНА РАМАЗАНСКИОТ ПОСТ 

    ВЕРНИЦИТЕ ВЛЕГОА ВО ЏАМИИТЕ ЗА ПРВПАТ ОТКАКО ПОЧНА РАМАЗАНСКИОТ ПОСТ Пред да влезат во Шарената Џамија во Тетово, верниците мора да ги дезинфицираат рацете, сите носеа заштитни маски на лицето, а внатре меѓу себе беа одалечени околу еден и пол метар. (Фото: СДК.МК)

    Одлуката за отварење на џамиите од денеска, која ја донесе ИВЗ, повторно ги собра верниците од муслиманска вероисповест во тетовските џамии. При посетата на Шарена Џамија во Тетово забележавме околу седумдесетина верници кои беа дојдени на пладневната молитва. За разлика од порано, овој пат верниците мора да се придржуваат на препораките кои им беа дадени за спречување од ширењето на заразата од КОВИД-19. Тие мораа пред да влезат во џамијата да ги дезинфицираат рацете, сите носеа заштитни маски на лицето, а во џамијата верниците меѓу себе беа одалечени околу еден и пол метар.

    Но, и покрај ваквите строги мерки, верниците без задоволни што за првпат откако почна рамазанскиот пост можат да влезат во џамиите и да се помолат.

    Секој верник кој доаѓа во џамијата првин ги дезинфицира рацете, потоа добива заштитна маска ако веќе ја нема, а во џамијата запазивме просторот помеѓу верниците кои се молат да биде на растојание од еден и пол метар, вели Менсур Мифтари, претседател на одборот на Шарена Џамија во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    „Ова нешто одамна го чекавме, а со Господ напред, еве дојде денот да влеземе во џамијата и да се помолиме. Свесни сме дека мерките треба да се почитуваат и ние ги почитуваме“, вели тетовецот Љуљзим.

    Со сличен став е и младиот Џемил.

    „Добро е што се отворија џамиите. Знаеме за мерките и ги почитуваме. Еве, јас со себе од дома си носам заштитна маска и простирка за молитва“, вели Џамил.

    Пред отварањето на џамијата, од џамискиот одбор биле преземени сите заштитни мерки за дезинфицирање на просторот пред и во внатрешноста на џамијата.

    „Обезбедивме доволни количини средства за дезинфекција. Секој верник кој доаѓа во џамијата првин ги дезинфицира рацете, потоа добива заштитна маска ако веќе ја нема, а во џамијата запазивме просторот помеѓу верниците кои се молат да биде на растојание од еден и пол метар. Засега, сите верници ги почитуваат овие правила. Порано, за време на Рамазанскиот пост, Шарена Џамија беше претесна да ги прими сите верници кои сакаа да присуствуваат на молитвите. Денеска, како што гледате, нивниот број е многу, многу помал“, рече Менсур Мифтари, претседател на одборот на Шарена Џамија во Тетово.

    Единствено, по завршувањето на молитвата кога верниците излегуваа од џамијата настана краткотрајна гужва која брзо се расчисти.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира