ЗА РАМАЗАН БАЈРАМ ПОЛИЦИСКИ ЧАС ОД САБОТА ВО 19 ДО ВТОРНИК ВО 5 ЧАСОТ, ПРЕДЛОЖИ КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

    ЗА РАМАЗАН БАЈРАМ ПОЛИЦИСКИ ЧАС ОД САБОТА ВО 19 ДО ВТОРНИК ВО 5 ЧАСОТ, ПРЕДЛОЖИ КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИМинистерот Филипче кажа дека ваквото мислење на Комисијата доаѓа поради непочитување на мерките за заштита што довело до нови случаи на КОВИД-19. (Фото. Ѓ. Личовски)

    За претстојниот продолжен викенд за празниците Рамазан Бајрам и Свети Кирил и Методиј, Комисијата за заразни болести предлага полицискиот час да трае од сабота во 19 часот до вторник во 5 часот. Министерот Венко Филипче кажа дека ваквиот предлог е доставен до Владата, бидејќи изминатиот период не се почитувале мерките да нема собири и групирања, па затоа имаме нови случаи на заразени со КОВИД-19.

    „Сите случаи кои ги имаме на позитивни пациенти изминативе неколку дена се должат на настани или семејни собири. Поради непочитување на мерките имаме нови случаи и само една ваква ригорозна мерка сметаме дека ќе има вистински ефект“, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање при увидот на градежните работи за улиците и новиот паркинг во Клиничкиот центар.

    Комисијата за заразни болести, исто така, предложила оваа недела да нема олабавување на мерките кои беа најавени, односно кафулињата да се отворат наредната недела, после завршување на продолжениот викенд. Наредната недела ќе се разговара и за скратување на полицискиот час.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира