МОРА ДА ОРГАНИЗИРАМЕ ИЗБОРИ, ДРЖАВАТА НЕ МОЖЕ ДА ФУНКЦИОНИРА САМО СО ВОНРЕДНА СОСТОЈБА, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ

    МОРА ДА ОРГАНИЗИРАМЕ ИЗБОРИ, ДРЖАВАТА НЕ МОЖЕ ДА ФУНКЦИОНИРА САМО СО ВОНРЕДНА СОСТОЈБА, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИДо крајот на денот ќе донесам одлука за прогласување нова вонредна состојба во траење од 14 дена, за да може формално да почне од утре, рече Пендаровски по денешната седма седница на Советот за безбедност (Фото: Кабинет на Претседател)

    По денешната седма седница на Советот за безбедност, претседателот Стево Пендаровски кажа дека на барање на Владата, до крајот на денот ќе донесе одлука за прогласување нова вонредна состојба во траење од 14 дена и побара од политичките лидери да се договорат за да се организираат парламентарни избори, бидејќи државата не може да функционира само со вонредна состојба.

    „Бројот на новозаболени почна да расте, во некои општини постои голема загриженост за состојбата. Премиерот Оливер Спасовски по реферирањето на новите бројки, побара дополнителни 14 дена вонредна состојба. До крајот на денот ќе донесам одлука за прогласување нова вонредна состојба во траење  од 14 дена, за да може формално да почне од утре. Државата не може да функционира бесконечно во вонредна состојба“, кажа Пендаровски по седницата.

    Тој им се заблагодари на мнозинството граѓани што ги почитуваа владините мерки за борба и сузбивање на пандемијата со коронавирус, издржаа три месеци и уште почитуваат, но апелираше да не се опуштаме, бидејќи вирусот е присутен, лек, односно вакцина, се уште нема.

    Ѝ се обрати и на Владата, поради неказнувањето на оние кои не ги почитуваа мерките и беа оставени да го рашират одново вирусот и да предизвикаат нов пик. Рече дека надлежните институции мора да ги казнуваат неселективно сите граѓани кои се одметнаа од мерките, без оглед на политичка и верска припадност. Негативниот тренд со новозаболените во некои општини, односно делови на општини, рече Пендаровски, не смеат да бидат причина за враќање на строгите мерки на целата територија и кон сите граѓани.

    „Со неказнувањето на оние кои свесно не ги почитуваат мерките, се враќаме на почеток на пандемијата со коронавирусот и не е фер кон граѓаните кои совесно и дисциплинирано почитуваат“, рече Пендаровски.

    На крајот им се обрати на лидерите на политичките партии. Повторно им укажа дека државата нема Парламент, има техничка влада која има лимитирани овластувања.

    „Ситуацијата е многу сериозна“, рече тој.

    „Барам од сите политички лидери да се договорат за да се организираат парламентарни избори.  Државата не смее со месеци да функционира само ако има воведена вонредна состојба“, рече Пендаровски.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали станало збор за организирање на парламентарни избори и тој лично што смета дека е поопасно, дали пазарењето во маркет, на пазар без маски и растојание, во автобус или гласање на избори кое би траело неколку минути и би се одвивало во безбедни услови, Пендаровски рече:

    „Сè е опасно, ако анализираме. Според експертите, бројките се покачени зашто имавме семејни и религиозни собирања пред 2 недели, па сега се појавува како резултат. Меѓутоа од завчера кафаните ги отворивме, илјадници се на број. Таму се собираат повеќе луѓе, од различни возрасти.  Што ако од завчерашното отворање за некоја недела од сега добиеме повторно некој мал пик? Не можеме да кажеме дека во септември, октомври, ќе биде битно поинаку. Државата како и сите други држави во светот, мора да ги олабави мерките. Во спротивно ќе ни се случи економски колапс. Главното прашање е како да правиме избори и како да ги менаџираме сите битни процеси покрај короната во оваа земја. За жал, може да има и натаму, до крајот на годината новозаразени и починати, ние мора да научиме да живееме со тоа“.

    Поради најновиот развој на ситуацијата, според информациите на Пендаровски, комуникацијата меѓу политичките партии на тема избори, престанала последниве два дена.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира