Во продолжение на завршните зборови во „Рекет”, обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 кажа дека пријавителот Орце Камчев може дал милион евра, ама не на него.
„Може дал милион, па и милион ипол евра, но не на мене, Бојан Јовановски. Може дал за она трас-трас судство, за да се донесе начелното правно мислење за да запрат сите истраги, на чело со ‘Империја’ кај што е Камчев првоосомничен”, кажа Боки 13.
Потоа праша: „По која логика Орце Камчев мене ќе ми дава милион евра на 20 февруари 2019 година, кога пред тоа со трас-трас судство ги носат тоа начелно правно мислење и ја завршуваат работата?”.
Врховниот суд на 30 јануари 2019 донесе начелно правно мислење дека СЈО не е овластен тужител за предметите за кои нема поднесено обвинение до 30 јуни 2017, вклучувајќи ја и „Империја“.
- СТОЈАМ ПРЕД ВАС ОБЛЕЧЕН ВО БЕЛО КАКО ТИТО, А ВИЛМА ЈА НЕМА, ГИ ПОЧНА ЗАВРШНИТЕ ЗБОРОВИ БОКИ 13 ВО КОИ РЕЧЕ ЌЕ ЈА ОТВОРА ПАНДОРИНАТА КУТИЈА
- СУДИЈА ЈАС ИМАМ 37 ТЕМПЕРАТУРА, КАЖА БОКИ 13, А СУДИЈКАТА МУ ОДГОВОРИ ДЕКА НАД 37,5 Е ОПАСНО, ПО ШТО ПРОДОЛЖИ „РЕКЕТ” НАКАЈ КРАЈОТ
Боки 13 жали што Русковска не го вештачела неговиот мобилен телефон кај што имал снимки од Камчев како се фали дека бил Ким Џонг Ун од Бугарија и како ќе паѓа крв во Македонија.
„Како што одеше по средби Милевски снимаше. Служеше за предизбори. Одеше слободниот граѓанин Зоран Милески кај Мицкоски, го снимаше. Одеше кај Заев, го снимаше. Ова има врска со ликот и делото на Милески кој да го прашате сега, не знае што признал”, тврди уште еднаш Боки како бил наместен да зборува за СЈО, за Јанева и за „Империја” со која бил засегнат Камчев.
Јовановски покажа фотографија со повеќе куфери и помали торби и чанти „Луј Витон”, но ниедна со големина како таа на снимката на Камчев, што ја носи Милевски наводно полна со милион евра за Јовановски. Покажа рачки од мала чанта за кои рече дека се рачки од милионската торба и се клучен доказ дека таа завршила во домот на родителите на Боки.
Негираше дека имал врска со истрагите на СЈО и дека знаел нешто повеќе од она што го знаеле новинарите.
„Јас нема да зборувам во име на Катица, таа ако се одважи нека си каже. Катица Јанева е жртва на уцена, изманипулирана и искористена од политичари. А јас врска со предметите на СЈО сум имал колку што ‘Ролинг стоунс’ може да отпеат песна од Гоце Арнаудов“, рече Јовановски.
На 2 април лани Орце Камчев се сретнал со тогашниот премиер, Зоран Заев во присуство на бугарски агенти блиски на премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, тврди денеска Боки 13. На средбата Камчев му рекол дека има докази против мене и тој разговор со Заев го снимал. Камчев кај Заев рекол „Ќе му ебам матер на педерот и на дебелата”, тврди Боки. Ден потоа се јавил Заев и побарал да ги разгледаат доказите на Орце.
Јовановски тврди дека Заев му рекол оти бил лут на Јанева оти отворила предмет „Империја“ против Мијалков и Камчев.
„Коментираше како може Јанева да отвара случај против Камчев кој имал тројца пратеници, а Мијалков повеќе. Тие пратеници можеле да му донесат гласови за референдумот. Сведок сум дека им се ветуваше на двајцата олеснување во постапката за да влијаат врз пратеници да се изгласа промена на Уставот”, тврди Јовановски.
С. К. ДЕЛЕВСКА