Од новите 19 случаи на коронавирус регистрирани во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) во Куманово, 17 се од Општина Липково и двајца од Куманово. Според директорот Ариф Љатифи, новозаболените се од познати кластери, семејства каде што веќе има позитивни на КОВИД-19.
„Во Никуштак се 9, Матејче 7 и еден од Виштица. Има од сите генерации. Во текот на денот, три наши екипи вршат масовни тестирања во селата и планирано е да се направат 100 теста, ако жителите прифатат да се тестираат“, вели Љатифи.
Тој апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита и да држат социјална дистанца, а ако почувствуваат симптоми слични на коронавирус да се тестираат па ако се позитивни да можат навремено да се лекуваат.
Во Куманово досега вкупно се заразени 500, од кои активни се 85, а оздравени 391.
С. НИКОЛИЌ