ОКОЛУ 20.000 ВОЗИЛА ИЗЛЕГЛЕ ОД СКОПЈЕ ДО 19 ЧАСОТ, ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА 80-ЧАСОВНИОТ ПОЛИЦИСКИ ЧАС

    ОКОЛУ 20.000 ВОЗИЛА ИЗЛЕГЛЕ ОД СКОПЈЕ ДО 19 ЧАСОТ, ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА 80-ЧАСОВНИОТ ПОЛИЦИСКИ ЧАСОд претпријатието велат дека сите возила не се со скопски регистрации туку треба да се има предвид дека голем број граѓани од Велес, Куманово и Тетово работат во Скопје. - редицата на излез кон Тетово околу 17 часот беше до крстосницата кај Матка. (Фото: СДК.МК)

    Околу 20.000 возила денеска излегле од Скопје според податоците до 19 часот од наплатните рампи на патарините.

    Од Јавното претпријатие за државни патишта за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека најмногу фреквенција и редици имало на западниот излез од градот, односно на патарината на автопатот Скопје-Тетово. На наплатната станица Желино во правец Скопје-Тетово до 19 часот поминале 8.178 возила.

    На излезот од Скопје кон Куманово на патарината кај Миладиновци излегле 7.407 возила, а на излезот кон Велес односно на наплатната станица Петровец денеска до 19 часот поминале 4.541 возила.

    „Волкави редици на патарините досега сме немале. Рекорд беше ланскиот продолжен викенд за празникот 2 Август, но денеска е урнат. На патарината од Скопје кон Тетово попладнево отворени беа 7 наплатни рампи за излез од Скопје, а за влез оставивме една. Ова досега не се случило, во еден правец најмногу сме отворале по 6 наплатни рампи“, велат од Државни патишта.

    Од претпријатието потенцираат дека сепак сите возила не се со скопски регистрации кои заминале кон Маврово или Охрид поради 80-часовниот карантин во главниот град. Од таму објаснуваат дека треба да се има предвид дека голем број граѓани од Велес, Куманово, Тетово и Гостивар  работат во Скопје, па попладне тие си се враќаат од работа дома.

    „За споредба, денеска на патарината Желино до 19 часот во правец Тетово-Скопје поминале 4.973 возила односно толку возила влегле во Скопје“, велат од Јавното претпријатие за државни патишта.

    Владата вчера по предлог на Комисијата за заразни болести воведе целосна забрана за движење во Скопје, Куманово, Липково, Тетово,  Штип, Јегуновце, Желино и Боговиње, од 21 часот во четврток до 5 часот в понеделник. Во сите останати градови, се забранува движење на сите граѓани од четврток во 21 часот до петок во 5 часот наутро, а во петок, сабота, недела во овие градови забраната започнува од 16 часот и трае до следниот ден до во 5 наутро. Ваквите рестриктивни мерки за овој продолжен викенд се воведени по зголемениот број на нови случаи и можноста за ширење на вирусот.

    Денеска беа регистрирани рекордни 120 случаи на КОВИД-19, од кои 67 се од Скопје, а починаа уште 2 заболени од коронавирус.  Од почетокот на епидемијата во земјава вкупно ковид дијагностицирани се 2.611, оздравени пациенти се 1.621, починати се 147, а  активни случаи се 843.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира