Пациентките со рак на дојка се оневозможени да прават ехо или мамографија во јавното здравство, и за ваков преглед треба да се упатат во некоја приватна ординација што пружa вакви услуги, велат од „Љубов сме – Jemi dashuri“, неформална група на социјалните мрежи, чија цел е поддршка на луѓето со рак. Но, додаваат тие, проблем е тоа што некои од нив не можат ова да си го дозволат финансиски, а други пак стравуваат да се „мешаат“ со луѓе и се решаваат за одложување.
„За жал, хемотерапиите иако се добар сојузник во борбата против ракот, може да влијаат на повеќе органи, што секако е причина онколошките пациенти да посетат специјалисти од различни области како кардиолог и гинеколог. Дел од пациентите во оваа пандемија не се одлучуваат да ги реализираат овие прегледи, а причина за тоа е стравот да не бидат заразени, така што во исто време тие го намалуваат ризикот од вирусот, но, го зголемуваат ризикот кој го носи одложувањето на посетата на лекар. Оттука е и нашиот апел до јавноста да се почитуваат мерките за да може вирусот побргу да се искорени, а со тоа и да не се влошува состојбата на луѓето со рак“, вели Македонка Икономова-Давчева од Здружението.
Од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдуваат дека „мамографијата со оглед на моменталната ситуација со КОВИД- 19, се прави во редуциран број“, и додаваат дека сите пациенти со итен 24-часовен упат се примаат непречено.
Од кабинетот на министерот Венко Филипче не можат да одговорат кога ќе се нормализира работата на болниците во јавното здравство.
Клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје, на 17 март соопшти дека сите термини на пациентите за редовен контролен преглед се одложуваат, а пациентите што примаат хемотерапија и имунотерапија во овој период со ширење на коронавирус да продолжат да се јавуваат на редовниот закажан термин, за да ја примат на време соодветната пропишана терапија. Клиниката препорача таблетарната терапија да ја подигне еден од членовите на семејството на пациентот.
„Доколку пациентите имаат дополнителни прашања, може да се јават на бројот на клиниката: 02-314-7900. Дежурните служби на Онкологија продолжуваат да функционираат како и до сега“, велат од Клиниката за радиотерапија и онкологија.
За пристапот до лекарските услуги за време на коронакризата, Икономова-Давчева е согласна дека целта на оваа одлука на директорот на Клиниката беше да се намали метежот, а со тоа да се зголеми просторот за одржување на потребната социјална дистанца. Примањето на хемотерапиите и радиозрачењето се одвиваат непречено цело време, вели таа, но контролите почнаа да се откажуваат, освен за итни случаи, за сега повторно да може да почнат да се закажуваат контролни прегледи.
„За среќа, пред повеќе од еден месец таблетарната и супкутаната терапија од Скопје почна да се дисперзира во Битола, Штип и Тетово, па така на онколошките пациенти им се зголеми пристапот до потребните лекови“, додава таа.
Со Давчева поразговаравме и за тоа како влијаат рестриктивните мерки врз здравјето на лицата со малигни заболувања, и таа вели дека пандемијата се одрази врз психофизичкото здравје на пациентите. Тие коишто примаат хемотерапија треба да излегуваат на прошетки, но тоа не го прават толку често колку што е потребно, поради тоа што дел од граѓаните не ги почитуваат мерките, па така би биле изложени на ризик ако се најдат во метеж без физичка дистанца, или меѓу луѓе што не носат маски. За жал, вели таа, за групата на ризични граѓани немаше дозвола за движење во време на полициски час, што всушност би било многу корисно за нив.
„Затворањето во домовите води до негативни мисли, бидејќи пациентите знаат оти мора да бидат во изолација поради нечиј скептицизам кон опасноста од вирусот или затоа што некому му е неиздржливо топло со маска, без да помисли како им е на луѓето што се меѓу четири ѕида. Некои од онколошките пациенти ги завршија своите хемотерапии и радиозрачења откако почна пандемијата. Значи, дошле до моментот што го чекале долго време без да може да му се израдуваат како што очекувале, без да може да добијат прегратка од своето семејство, бидејќи никогаш не знаете дали некој е асимптоматски преносител на коронавирусот. Бројот на такви пациенти сѐ повеќе се зголемува, бидејќи крајот на пандемијата не е на повидок. Сепак, психолошката поддршка не застана во ниту еден момент, па нашите психолози ни се достапни и телефонски и онлајн, ако се има предвид дека секоја среда во 18 часот организираме средби на Зум“, вели Давчева.
Таа потенцира дека доколку вирусот е сѐ уште присутен во земјава, а се организираат предвремените парламентарни избори, можно е некои од луѓето со карцином да не излезат на гласање токму поради зголемениот ризик да се заразат, а со тоа и здравствената состојба да им биде влошена. Можеби политичарите, вели таа, треба да размислат за таа опција ранливите групи граѓани да гласаат во своите домови, каде гласачките ливчиња би им ги однеле претставници на избирачките одбори со цел да не бидат изложени на ризик, а и да може да си го реализираат гласачкото право.
Оваа недела е посветена на сите оние кои победиле карцином, и Давчева вели дека во моментот преземаат активности за регистрација на здружение и кога тоа ќе биде официјализирано очекуваат преку реализација на проекти да помогнат на што поголем број луѓе кои се соочуваат со оваа болест.
„Оваа група постои речиси три години, откако самите ние се соочивме со болеста. Сакајќи да размениме полезни совети и искуства, ја формиравме групата од која веќе се дел и докторите онколози, како и медицинските сестри. Благодарение на комуникацијата што ја имаме таму, пациентите со малигни заболувања доаѓаат до корисни и проверени информации што е од особена важност за нив, оти на интернет може да се најдат и многу дезинформации, бидејќи за жал, има портали кои сакаат да добијат кликови на сметка на туѓата мака. Иако групата е сѐ уште неформална, ние често сме во контакт со здравствените власти, благодарение на што успеавме да се избориме за бесплатна психолошка поддршка за онколошките пациенти. Сите кои ја сочинуваме ‘Љубов сме – Jemi dashuri’ веруваме дека љубовта е силно оружје во војната против ракот, откако тој ќе ја добие битката“, ни рече Икономова-Давчева.
Б. НЕСТОРОСКА