Кавгите и недоразбирањата меѓу коалиционите партнери СДСМ и ДУИ од централно се пренесуваат и на локално ниво. Осветлувањето на скопската тврдина Кале синоќа, со пораката „Зошто да не?“ од страна на активисти на ДУИ, ги скара скопскиот градоначалник Петре Шилегов и ексградоначалникот на Општина Чаир Изет Меџити, кој за претстојните парламентарни избори е носител на листата за пратеници во првата изборна единица.
По осветлувањето на Калето со порака која алудира зошто Македонија да не добие премиер Албанец, теза која последниве две недели ја пласира раководството на ДУИ, градоначалникот Шилегов на својот Фејсбук профил напиша дека овој потег не е ништо друго, туку потврда на тоталната неспособност да се справат со вистинските проблеми на граѓаните, особено во Општина Чаир.
„Не им зборувајте за Обама. Зборувајте им за неасфалтираните улици, немањето водовод и канализација. Супстандардните услови на живеење во 21. век. Во општина што ‘обамовски’ ја водевте и ја водите. Евтини се приказните, па макар и Обама да ги раскажува“, напиша градоначалникот Шилегов на Фејсбук.
По ова Меџити му врати дека не гледа ништо лошо во ласерското осветлување на Калето, ниту во тоа премиер, па дури и градоначалник на Скопје да биде Албанец.
„Евтини приказни се Петре твоите ветување за тунелите под Кале. Како опозиција остро зборуваше против проектот ‘Скопје 2014’, а сега со пари од граѓаните плаќаш агенции да ги обезбедуваат. Зборуваш за немање водовод и канализација, а директорот е од твојата партија“, напиша Меџити.
СДСМ е коалиционен партнер со ДУИ и на локално ниво односно во Советот на Град Скопје. ДУИ во Советот има тројца советници, наспроти 21 советник од СДСМ. Албанците во Советот се застапени и со двајца советници од БЕСА и еден од Алијансата на Албанците. 17 советници има ВМРО-ДПМНЕ и еден партијата Левица.
Извори во Град Скопје за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека нема да има никаков проблем во функционирањето на Советот на Град Скопје и обезбедување мнозинство за гласање на програми и проектите предложени од градоначалникот Шилегов, доколку се распадне коалицијата со ДУИ.
„ДУИ со тројца советници не се репрезенти на Албанците во Град Скопје. Во листата на СДСМ и коалицијата има двајца советници етнички Албанци, двајца советници се од БЕСА и еден од Алијансата на Албанците. На Шилегов не му требаат избори да ја растури коалицијата со ДУИ, тоа може уште одма да го направи. Повторно ќе има мнозинство во Советот“, велат извори на САКАМДАКАЖАМ.МК од Советот на Град Скопје.
По локалните избори во 2017, при распределбата на јавните претпријатија во Градот, ДУИ ги доби директорските места во ЈП „Комунална хигиена“ и ЈП „Паркови и зеленило“. Во останатите претпријатија каде се ставени кадри на СДСМ, ДУИ има заменици-директори.
А. АНТЕВСКА