Грција денеска не дозволи влез на нивна територија преку граничниот премин Евозни, како за државјани на ЕУ така и за српските граѓани. Сите што се упатија кон Грција преку Богородица користејќи ја Македонија како транзит, грчките погранични служби ги враќаа повторно на македонска територија. На граѓаните на ЕУ им посочувале дека единствено може да влезат во Грција преку Бугарија на граничниот премин Промахонас додека српските патници ги враќале информирајки ги дека за нив влез е дозволен дури после 1 јули.
Македонската Влада на 13 јуни донесе Протокол за непречен транзит на странски државјани, кој ќе важи сѐ додека целосно не се либерализира режимот за влез и излез од државата. Дотогаш дозволен влез во земјава ќе биде само преку граничните премини Табановце, Деве Баир, Богородица, Ќафасан, Блаце и преку аеродромот Скопје. Со протоколот се предвидува странските државјани кои ќе влезат во земјава во рок од 5 часа да излезат на друг граничен.
„Нашите медиуми информираа дека Грција за нас српските државјани ги отвора границите и се упативме на одмор, но на Евзони ни кажаа дека тоа не важи за нас туку за граѓаните кои имат ЕУ пасош и тоа единствено преку Бугарија. Сега повторно ќе се вратиме во Србија а за одмор друг пат“, ни кажа Душан Милиќ, кој со семејството сакаше да замине на одмор на вториот крак на Халкидики.
Рампа на границата кај Евзони добија и државјани со ЕУ пасош. Се вратија патници од Романија, Словенија, Чешка. Романката Јекемија Лиса со насолзени очи се врати на Богородица бидејќи не добила конкретен одговор зошто не ја пуштат во Грција преку Евзони, туку мора да патува уште 300 километри за да влезе во Грција преку Бугарија.
„Ни кажаа за граѓани од Романија не овде. Не знам зошто. Ни кажаа да влеземе преку Бугарија. Сакавме да одиме на двонеделен одмор во Агиа Триада на 10-тина километри до Солун“, рече Лиса.
Македонските погранични служби на сите 40-тина патници до 14 часот им сугерираа дека на Евзони не се дозволува влез, но сите одлучиле да ја поминат границата. Командирката Јасминка Аврамска ни кажа дека преминот Богородица го поминале 32 српски патници и 8 од ЕУ, но сите тие се вратиле кога добиле известување дека во рок од 5 часа треба да ја напуштат државата.
„Утрово стапивме во контакт со грчките служби, од каде ни кажаа дека уште трае забраната за влез во Грција преку граничниот премин Евзони. Ние од наша страна ги отворивме границите за транзит согласно владината уредба“, кажа Аврамска .
Грција најави дека од 15 јуни ги отвора границата за добар дел од граѓаните на ЕУ, додека за македонските граѓани границата ќе ја отвори на 1 јули, во зависност од состојбите со КОВИД-19 во земјава.
В. ТРАЈКОВ