Доколку лице излезе од земјава на еден ден и на граница приложи негативен тест на КОВИД-19, со истиот тест ќе може да се врати дома, но останува правилото за домашна изолација, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција, одговорајќи на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК.
Филипче, исто така, кажа дека за лицата кои од странски земји доаѓаат во Македонија, валиден ќе биде само ПЦР- тест, затоа што, како што рече, серолошките тестови сѐ уште не се релевантен податок.
Од денеска, се отворени сите гранични премини во Северна Македонија наменети за меѓународен граничен сообраќај при што условите за влез и излез на наши и странски државјани се непроменети. Владата го одлучи следново:
- Македонските државјани можат да остварат непречен излез од Македонија, при што на граничен премин пополнуваат изјава со која изјавуваат дека РСМ поради настанатата состојба со КОВИД-19 нема да биде во можност навремено да им помогне околу нивното враќање;
- Во Република Северна Македонија е дозволен влез на МКД-државјани и странци со регулиран привремен или постојан престој во државава, под услов тие да имаат валиден негативен ПЦР тест (изработен од нос и грло), не постар од 72 часа од денот на издавањето на тестот. Потоа добиваат Наредба и пополнуваат изјава за домашна самоизолација во траење од 14 дена.
- На влез во Македонија, нашите државјани и странците со регулиран привремен и постојан престој кои немаат ковид-тест, се упатуваат во задолжителен државен карантин во времетраење од 14 дена. Со организиран превоз и полициска придружба ќе се упатуваат во некој од претходно утврдени објекти.
Б. НЕСТОРОСКА