ВО ДРЖАВЕН КАРАНТИН ВО ХОТЕЛ БЛИЗУ ВЕЛЕС СЕ И ЧЕТВОРИЦА КОИ НЕ БИЛЕ ДОМА ПРИ ПОЛИЦИСКА КОНТРОЛА

    ВО ДРЖАВЕН КАРАНТИН ВО ХОТЕЛ БЛИЗУ ВЕЛЕС СЕ И ЧЕТВОРИЦА КОИ НЕ БИЛЕ ДОМА ПРИ ПОЛИЦИСКА КОНТРОЛАЖители на Радовиш, Кочани и двајца од Демир Капија наместо дома, остатокот од периодот за изолација заради заштита од коронавирус ќе го минат во државен карантин во хотелот „Монтенегро ривиера“ крај Велес. (Фото: СДК.МК)

    Во државен карантин во хотелот „Монтенегро ривиера“ покрај Велес се и четири лица, кои не ја почитувале изречената самоизолација заради заштита од коронавирусот. Тоа се жители на Радовиш, Кочани и двајца од Демир Капија. Тие наместо дома остатокот од периодот ќе го минат во државен карантин.

    „Откако полицијата во неколку наврати не ги нашла лицата кои имале решение за изолација во домашни услови, биле приведени и се донесени тука во хотелот, каде ќе ги минат остатокот од предвидените денови за карантин“, рече портпаролот на Здравствен дом Велес д-р Страхил Тодоров.

    Тој заедно со уште тројца негови колеги од болницата и Итната помош дежураат во хотелот, заради здравствена нега на лицата кои престојуваат таму. Во државен карантин во хотел „Монтенегро ривиера“, според д-р Тодоров, денес има 52 лица, македонски државјани повратници од странство.

    Во текот на вчерашниот ден стигнала група од 40 лица, а претходно престојувале 12. Од нив 41 се решиле на брзо тестирање, по што дошла приватна лабораторија од Скопје, избрана од самите повратници, и ако нивните резултати се негативни, тие попладнево ќе го напуштат хотелот и ќе заминат дома. Таму ќе престојуваат остатокот од 14-те предвидени денови за домашна изолација.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира