НОВО ЗЕЛЕНИЛО И ПАРК НА ПЛАСТИЧАРСКА ВО СКОПЈЕ, НАЕСЕН НОВИ ДРВОРЕДИ, НАЈАВУВА „ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“

    НОВО ЗЕЛЕНИЛО И ПАРК НА ПЛАСТИЧАРСКА ВО СКОПЈЕ, НАЕСЕН НОВИ ДРВОРЕДИ, НАЈАВУВА „ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“Се сади нова трева и се поставува систем за полевање капка по капка. Во новоизведените средишни жардинери се садат зимзелени садници, а нов парк се подигнува на просторот кај амбасадата на САД. (Фото: ЈП „Паркови и зеленило“)

    На реконструираниот булевар Никола Карев или познатата Пластичарска улица, ЈП „Паркови и зеленило“ и Град Скопје работат на подигнување ново зеленило. Во моментов, се работи на просторот кај мостот на Бит пазар или на почетокот на улицата. Се сади нова трева и се поставува систем за полевање капка по капка. Во новоизведените средишни жардинери се садат зимзелени садници, а нов парк се подигнува на просторот кај амбасадата на САД.

    „Во овој дел со години немаше зеленило или тоа беше целосно уништено, бидејќи немаше систем за полевање и одржување. Моментално, нашите екипи уредуваат површина од околу 12.000 метри квадратни со засадување нов тревник, автоматски систем за полевање и прскалки. Поради епидемијата на КОВИД-19, пролетната акција за садење дрвја е откажана, но есенва на повеќе локации низ градов меѓу кои и на Пластичарска улица ќе се засадат голем број висококвалитетни дрвја и со тоа Скопје ќе добие нови дрвореди“, вели директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Адријан Муча.

    Град Скопје минатиот месец заврши со реконструкцијата на Пластичарската улица. Сега улицата има по две сообраќајни ленти во двата правци, велосипедска и пешачка патека и средишно зеленило онаму каде што тоа го дозволува просторот. На целиот потег е изведена атмосферска канализација која досега не постоеше. Реконструкцијата чини 2,1 милион евра. Градоначалникот Петре Шилегов најави дека годинава ќе продолжат со градежните работи за проширување и реконструкција на потегот до крстосницата кај ‘Момин поток‘.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира