ИСТЕЧЕ РОКОТ ЗА ИЗГРАДБА ЗА КАТНАТА ГАРАЖА КАЈ „АВТО МАКЕДОНИЈА“, ОПШТИНА ЦЕНТАР ЌЕ ПОДНЕСЕ ТУЖБА ЗА РАСКИНУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ

    ИСТЕЧЕ РОКОТ ЗА ИЗГРАДБА ЗА КАТНАТА ГАРАЖА КАЈ „АВТО МАКЕДОНИЈА“, ОПШТИНА ЦЕНТАР ЌЕ ПОДНЕСЕ ТУЖБА ЗА РАСКИНУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТОткако ќе биде раскинат договорот марчичката за барокната катна гаража на 8 ката нацртани во времето на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде избришана од Деталниот урбанистички план и овој простор ќе остане паркинг и зеленило.(Фото: СДК.МК)

    Истече рокот за фирмата „Никофон“ да ја изгради барокната катна гаража на 8 ката на паркингот кај „Авто Македонија“ во строгиот центар на Скопје. Рокот, според договорот, истече на 20 јуни и сега Општината поднела барање за активирање на банкарската гаранција, по што ќе следи тужба на суд за раскинување на договорот.

    „Веднаш штом банката ја активира банкарската гаранција поради неисполнување на условите од договорот, ќе поднесеме тужба до судот за раскинување на договорот, со што паѓа во вода одобрението за градба и парцелата се враќа во сопственост на Општината. Ние еднострано го раскинавме договорот со фирмата ‘Никофон‘ но треба и судска одлука“, вели градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.

    Откако ќе биде раскинат договорот, марчичката за барокната 8-катница ќе биде избришана од Деталниот урбанистички план  и овој простор ќе остане паркинг и зеленило.

    „Парите за комуналии и продажба на земјиштето ќе ѝ бидат вратени на фирмата ‘Никофон‘“, вели Богдановиќ.

    За овој случај, уште во 2015 година е поднесена кривична пријава за начинот на кој е формирана цената по која е продадено земјиштето, а лани Општина Центар поднесе пријава и за злоупотреба на службена дејност за начинот на продажба на парцелата. Но, Обвинителството ги отфрли пријавите.

    Овој простор е единствената слободна површина која беше спасена од мегаломанскиот проект „Скопје 2014“ на владата на Никола Груевски. Парцелата беше продадена од Министерството за транспорт и врски кога министер беше Миле Јанакиески во 2013 година, а договорот со „Никофон“ беше склучен во септември 2013.

    Претходно, Општина Центар во времето кога градоначалник беше Владимир Тодоровиќ, со измена на Деталниот урбанистички план за овој дел нацрта маркичка за барокна катна гаража со деловен простор, со приземје и 8 ката. Градежната дозвола „Никофон“ ја доби на 31 март 2014, а стана правосилна на 16 јуни 2014. Но бидејќи тој простор е државно земјиште, неколку години пред да биде вцртана маркичка за катна гаража, бил даден во владение на ЈП „Паркинзи Општина Центар“ заради формирање организирано паркирање. Со цел да се спречи изградба на зградата, „Паркинзи Центар“ не го отстапуваше просторот повикувајќи се на одлуката за владение, по што инвеститорот поднесе тужба и почна судскиот процес. „Никофон“ лани во ноември ја доби судската пресуда дека тој е сопственик на парцелата и извршно решение да го преземе паркингот. Но, градбата до денес не почна со што истече договорот од 6 години за завршување на градежните работи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира