ВЕНЕЦИСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ СЕ ОТВОРА УТРЕ СО МАЛКУ ЅВЕЗДИ И ПУБЛИКА, А ФАНОВИТЕ НЕМА ДА СМЕАТ ДА ПРИЈДАТ ДО ЦРВЕНИОТ ТЕПИХ

    ВЕНЕЦИСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ СЕ ОТВОРА УТРЕ СО МАЛКУ ЅВЕЗДИ И ПУБЛИКА, А ФАНОВИТЕ НЕМА ДА СМЕАТ ДА ПРИЈДАТ ДО ЦРВЕНИОТ ТЕПИХМостра е првиот меѓународен голем филмски настан кој се одржува откако пандемијата на коронавирусот го запре целиот филмски свет. (Фото: АП)

    Помалку холивудски ѕвезди ќе прошетаат по црвениот тепих и наоколу ќе има помалку фанови кои бркаат автограми, но и покрај сите рестрикции поради коронавирусот, 77. Венециски филмски фестивал ќе се одржи во присуство на публика со цел да испрати позитивна порака.

    „Мислам дека е време повторно да го стартуваме филмот. Мора повторно да ги отвориме киносалите. Мора повторно да почнеме со снимањата и се надевам дека фестивалот ќе биде знак на солидарност и охрабрување на сите кои работат во филмската индустрија“, изјави директорот на фестивалот Алберто Барбера во пресрет на утрешното отворање.

    Најстариот филмски фестивал на светот, кој ќе трае до 12 септември, е првиот меѓународен настан од овој тип кој се одржува откако целиот филмски свет беше запрен од пандемијата на коронавирусот. Канскиот фестивал претходно беше откажан.

    Мостра ќе ја следат посебни безбедносни протоколи. Сите кои доаѓаат од земјите надвор од Шенген зоната ќе мора двапати да се тестираат за коронавирус: пред да тргнат за Италија и на островот Лидо, каде што фестивалот се одржува. Редовно ќе се мери телесната температура и секое второ седиште во кината ќе биде празно. Седиштата ќе мора однапред да се резервираат онлајн, публиката ќе мора да носи маска, а фановите нема да смеат да се доближат до црвениот тепих.

    Меѓу ѕвездите чие доаѓање е потврдено се Кејт Бланшет која е на чело на жирито за Златниот лав, Мет Дилон и Педро Алмодовар, а се очекува Тилда Свинтон да ја прими наградата за животно дело.

    Мостра отвора со „Лачи“ на Даниеле Лукети. Учествуваат филмови од повеќе од 50 земји, а во конкуренција за главната награда Златен лав се 18 наслови, од кои само две американски продукции.

    Во конкуренцијата за наградата има 4 италијански филмови, „Сестрите Макалузо“ на Ема Данте, „Госпоѓица Маркс“ на Сузана Никјарели, „Оче наш“ на Пјерфранческо Фавино и еден од најочекуваните филмови на документаристот венециски лауерат Џанфранко Роси „Ноктурнал“, снимен среде деструкцијата во Сирија.
    Во конкуренцијата за Златен лав се и рускиот автор Андреј Кончаловски, унгарскиот Корнел Мундруцо, полската Малгоржата Шумовска, иранскиот Маџид Маџиди, јапонскиот Кијоши Куросава, израелскиот Амос Гитаи, а единствена од балканскиот регион е Босанката Јасмила Жбаниќ која доаѓа со филмот „Кво вадис, Аида?“ за маскарот во Сребреница. Филмот „Номадленд“ на Клое Жао, еден од најочекуваните на американската независна сцена, во кој игра искаровката Франсис Мекдорманд, освен во конкуренцијата во Венеција ќе игра и на фестивалите во Торонто, Телјурајд и Њујорк.

    Годинава, програмата Хоризонти има не само дебитанти туку и неколкумина попознати автори, како Лав Дијаз, Уберто Пазолини и Џија Копола.

    Во програмата Венециски денови, која е независна но во рамки на Венецискиот фестивал, има 10 филмови меѓу кои и „Оаза“, вториот филм на српскиот режисер Иван Икиќ. На чело на жирито во оваа програма е израелскиот режисер Навид Лапад.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира