За 20,6% во однос на претходната недела е намален бројот на нови позитивни случаи на ковид-19 во периодот од 24 до 30 август, или регистрирани се 666 нови позитивни од 9.944 тестирања, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје кој го објави Министерството за здравство. Пријавени се 35 смртни случаи од 13 градови, зголемување од 84,2% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 26 биле над 60 години, 5 на возраст од 50-59 и 4 на возраст од 40-49 години. Сите починати биле хоспитализирани, а коморбидитети се регистрирани кај 29 од случаите.
Процентот на позитивни случаи од тестирани изнесува 6.7% што претставува намалување од 0,8% во однос на претходната недела. Овој индикатор и натаму покажува континуиран тренд на намалување во однос на претходните недели кога истиот се движи од 10%, 9.4%, 8.6%, 7.8%, и 7.5%.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. И во овој период најзастапена е возрасната група на лица над 60 години со 158 (23,7%) позитивни.
Новорегистрирани случаи има во 29 градови во државата, а најголем дел се од Скопје – 31,4%. Во истиот период, во 23 града, или 7 повеќе во однос на претходната недела, бројот на новодијагностицирани е под 20.
Поголем број на заболени се регистрира и кај лицата на возраст од 30-39 (138; 20,7%), 50-59 (122; 18,3%) и 20-29 (113; 17,0%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (12; 1,8%) и 10-19 години (31; 4,7%).
Од случаите кои се епидемиолошки истражени (657; 98,6%), регистриран е 71 (10,7%) хоспитализиран (намалување од 40,3% во споредба со минатата недела), а кај 195 (29,6%) лица е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број на нови случаи, 212 (32,2%) имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 24 лица со историја на патување во последни 14 дена.
Во споменатиот период, по добиени 2 негативни теста за присуство на коронавирус или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 1.112 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е 558 лица или 100% повеќе во однос на претходната недела.
Б. НЕСТОРОСКА