ГРАД СКОПЈЕ ПОЧНА СО РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ИСТОЧНИОТ ВЛЕЗ ВО ГРАДОТ, РАБОТАТ 3 ФИРМИ ЗА БУЛЕВАРОТ ДА БИДЕ ГОТОВ ЗА 40 ДЕНА

    ГРАД СКОПЈЕ ПОЧНА СО РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ИСТОЧНИОТ ВЛЕЗ ВО ГРАДОТ, РАБОТАТ 3 ФИРМИ ЗА БУЛЕВАРОТ ДА БИДЕ ГОТОВ ЗА 40 ДЕНАЌе се реконструира билеварот Александар Македонски на потегот од крстосницата кај Хиподром до поранешен Саем во Автокоманда.(Фото: Град Скопје)

    Источниот влез на Скопје ќе добие нов асфалт и велосипедска патека во овој дел од градот. Град Скопје денеска почна со реконструкција на булеварот Александар Македонски во Гази Баба, на потегот од крстосницата со улица 16 Македонска бригада до пешачкиот мост пред клучката кај Хиподром, која го поврзува овој булевар со автопатот. Реконструкцијата се реализира фазно, а како што кажа градоначалникот Петре Шилегов, на терен ќе работат три различни фирми за да може градежните работи да завршат побрзо. Булеварот ќе се реконструира во должина од 5.3 километри, што e најдолга делница на која Град Скопје работи во моментов.

    „На овој потег не е работено 40 години. Минатата година го завршивме западниот дел, сега ќе го средиме источниот дел, и тоа од крстосницата кај Хиподром до поранешен Саем во Автокоманда. Ова е потег поголем од 5 километри, ќе работиме деноноќно и ги замолувам граѓаните да имаат трпение во однос на сообраќајните гужви, бидејќи во тек е голема градежна офанзива за изградба и реконструкција на градските улици и ќе го пречекаме зимото со целосно обновена инфраструктура во изминативе 2 години. Куриозитет овде е што првпат Град Скопје ќе изврши експроријација на земјиште за да изградиме велосипедска патека што ќе го подобри урбаното живеење и конечно, ќе има велосипедско поврзување на граѓаните од  Синѓелиќ и Маџари со остатокот од градот“, рече денеска градоначалникот  Шилегов.

    Во текот на градежните работи ќе се изврши поставување или замена на подземните инфраструктурни инсталации. Градоначалникот Шилегов најави дека градежните работи ќе завршат за 40 дена. Реконструкцијата на оваа делница чини 202 милиони денари со вклучен ДДВ.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира