Полицајци од чешкиот контингент кои се дел од мешаните полициски патроли на македонско грчката граница се заразени од ковид-19. Тие требало деновиве да заминат од Македонија и да се вратат во Чешка, но на скринингот било констатирано дека 12 од нив се позитивни на коронавирус.
Како што соопшти д-р Сашко Олумчев од Центарот за јавно здравје од Гевгелија, полицајците биле без симптоми но откако излегле резултатите сите се ставени во карантин како и нивни колеги со кои имале контакт.
„Овој кластер е веќе затворен, се знаат сите полицајци и нивните контакти. Она што нас не загрижува е секојдневните позитивни од Гевгелија кои се должат на недисициплина и непочитување на мерките и протоколите за заштита донесени од Владата. Очекувам и во наредните две недели да има стандардно новозаболени“, рече д-р Олумчев.
Засега не се знае каде ќе биде лекувањето на граничните полицајци од Чешка чиј мандат истекува и треба да бидат заменети со нови. Пред четири месеци исто така имаше заболени полицајци . Тогаш МВР кажа дека има доволно човечки ресурси да ги покрие мешаните полициски патроли во кои партиципираат повеќе држави.
Во Гевгелија во моментов има 34 активни случаи на ковид-19 од кои седум се жители на Дојран, а 11 на Богданци.
В. ТРАЈКОВ