Oд 23 септември треба да се вратат на работа мајките кои беа на продолжено породилно отсуство, како и родителите на деца до 10 години, без разлика дали децата ќе учат онлајн или со физичко присуство, одлучи Владата на денешната седница. Сите воспитно-образовни институции беа затворени на 10 март, како заштитна мерка против ковид-19, кога беше донесена и одлуката за продолжено породилно.
„Останатите вработени лица кои во моментот се оправдано отсутни од работа поради користење на редовно породилно отсуство, истите да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи веднаш по истекот на породилното отсуство“, стои во одлуката на Владата.
Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика да испрати писмено укажување до сите градинки да продолжат со упис и згрижување деца, особено на оние деца чии двајца родители се во работен однос, без разлика дали работат од дома или одат на работа. Министерството треба да исконтактира со родителите чии деца се запишани, а не се донесени за престој во градинките во овој период, за да може да се обезбеди престој и за други деца, ако има место и за оние кои имаат потреба да ги згрижат децата иако работат од дома. Владата го прифати Предлогот за изменување на Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца и тоа: воспитните групи за деца до двегодишна возраст да имаат максимум по 12 деца и двајца вработени во смена, наместо како што беше претходно ограничено на 6 деца.
Исто така, од 23 септември на работа се враќаат и вработените кои се ослободени од работа врз основа на утврдената листа на хронични болести. Исклучок од ова ќе бидат само пациенти кај кои болеста е во фаза на влошување и оние со малигна болест, за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист, врз основа на која тие ќе користат боледување согласно соодветниот правилник од Фондот за здравствено осигурување.
Владата денеска ги разгледа и прифати општите препораки за организирање настани кои беа предложени од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство. Според препораките, ограничен е капацитетот на посетители и тоа: настаните на отворено да се организираат со 50 проценти од капацитетот на просторот каде што ќе се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители, а настаните на затворено да се организираат со 30 проценти од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители.
„Со дадените препораки не се опфатени приватните веселби“, додаваат од Владата.
Задолжителна дезинфекција на раце на влез на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација за целото времетраење на настанот, како и засилени санитарно-хигиенски мерки, редовно и зачестено одржување на хигиената на тоалетите со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење со употреба на средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05 проценти натриум хипохлорит (5 проценти белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) за подот или 70 проценти алкохол за дезинфекција за горните површини.
При организирањето на настаните потребно е поставување на јасно видливи места на едукативно-информативен материјал за почитување на општите превентивни мерки, носење заштитни маски, одржување на физичка дистанца, редовно/често дезинфицирање на рацете и правилна респираторна хигиена, Задолжително присуство на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на горенаведените мерки: на влезот и во просторот каде се одржува настанот.
Се препорачува електронска продажба на билети, но доколку е потребно да има билетарница потребно е обележување на растојание односно место за чекање од 1,5 до 2 метри и исто растојание меѓу вработениот и посетителот или заштитна бариера.
Врз основа на горенаведените општи препораки секој организатор на настан потребно е да изготви протокол за реализација на планираниот настан кој ќе го објави јавно со цел навремено информирање на посетителите и учесниците во настанот за правилно следење на протоколот.
Б. НЕСТОРОСКА