Бугарија испратила објаснувачки меморандум до земјите членки на ЕУ во кој тврди дека Македонците се проект на Тито, а македонскиот јазик не постоел до 2 август 1944 година, јави дописничката државната агенција МИА од Брисел. Бугарскиот меморандум е испратен додека во ЕУ траат дискусиите за преговарачката рамка, за која што мора сите членки да постигнат единство, пред да почнат пристапните преговори со Македонија.
Во меморандумот, Бугарија ги убедува земјите членки дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик не постоеле до 2 август 1944 и нивното создавање било со цел да се прекинат врските меѓу населението во Социјалистичка Република Македонија и Бугарија.
За македонскиот јазик, Бугарија во меморандумот вели дека е регионална норма на бугарскиот и бара од ЕУ во сите документи да стои „официјалниот јазик на Република Северна Македонија“ или во крајна нужда, да стои „македонски јазик“ со фуснота „согласно Уставот на Република Северна Македонија“.
Во меморандумот Бугарија тврди и дека „во архивите има докази за егзекуција помеѓу 1944 и 1946 година на повеќе од 20.000 луѓе кои се идентификувале како Бугари и ја преставувале политичката и интелектуалната елита во Социјалистичка Република Македонија. Повеќе од 100.000 Бугари биле убиени, затворени, пратени во егзил или во концентрациони кампови“.
Во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК, германската амбасадорка Анке Холштајн потврди дека за почетокот на пристапните преговори на ЕУ со Македонија има потешкотии со една земја-членка, но, како што кажа амбасадорката, и таа земја е врзана за зборот „Да“ од март оваа година.