ЗАКОНОТ ЗА АНТИДИСКРИМИНАЦИЈА КОЈ БЕШЕ УСЛОВ ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ А УСТАВНИОТ СУД ГО УКИНА, ШАХПАСКА ПАК ГО ПОДНЕСЕ ВО СОБРАНИЕ

    ЗАКОНОТ ЗА АНТИДИСКРИМИНАЦИЈА КОЈ БЕШЕ УСЛОВ ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ А УСТАВНИОТ СУД ГО УКИНА, ШАХПАСКА ПАК ГО ПОДНЕСЕ ВО СОБРАНИЕ„И покрај тоа што ветивме дека тоа ќе ни биде прва задача, сепак јавноста треба да знае дека примивме и писма од европратеници: јас, министерот за правда Бојан Маричиќ, премиерот Зоран Заев“, вели министерката Јагода Шахпаска. (Фото: Влада)

    Сиромашните, социјално-ранливите, луѓето со попреченост, ЛГБТИ-популацијата, Ромите, жените, работничките, уште малку ќе бидат без законска заштита од понижување и малтретирање. Во четвртокот, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска го поднела одново до Собранието Законот за спречување и заштита од дискриминација.

    Законот беше услов за добивање датум за преговори на Република Северна Македонија со Европската унија, претходниот парламентарен состав го донесе, но поради грешка во процедурата, Уставниот суд со право го поништи.

    „Во понеделникот дојдов на функција, во четвртокот го поднесов предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација. Текстот е во целост ист со оној на претходниот што го укина Уставниот суд. И покрај тоа што ветивме дека тоа ќе ни биде прва задача, сепак јавноста треба да знае дека примивме и писма од европратеници: јас, министерот за правда Бојан Маричиќ, премиерот Зоран Заев… Со ова сакам да истакнам колку е важно за човековите права постоењето на овој закон кој ќе ги штити маргинализираните и обесправените луѓе во нашето општество. Но, ветено – сторено. Законот за заштита од дискриминација веќе е во собраниска процедура“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК министерката Шахпаска.

    Овој закон ги штити и политички неподобните граѓани. Тој беше огромен исчекор во однос на достигнувањата на европските принципи и правила по кои треба да живееме и ја воведе и основата – родова припадност и сексуална ориентација, по кои никој не може да биде дискриминиран. Додека не го потпиша Пендаровски и не стапи (кратко) на сила, Македонија не добиваше зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ.

    Кусо време по стапувањето на сила, на 15 мај тој беше укинат зашто беше по вторпат донесен со недоволен број гласови на пратениците и така потпишан од претседателот Стево Пендаровски, кој пак, нема право да одбие да потпише указ за закон ако доаѓа таму по вторпат. Претходно Ѓорге Иванов одби да го потпише.

    Најгласни во барањето итно да се донесе закон за антидискриминација, а воедно и најзасегнати и исплашени, се ЛГБТИ-луѓето. Во извештајот за човековите права за јули и август (пред и по изборите), Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија нотира голем пораст на говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Бројот на регистрирани пријави за овие два месеци изнесува 42, што е исклучително висока бројка за само два месеца, се вели во извештајот.

    „Зголемениот број пријави се должи на зголемениот говор на омраза кој се ширеше на социјалните мрежи за време и по месецот на гордоста, јули, кога во суштина се зголемува и видливоста на ЛГБТИ луѓето. Дополнително, на социјалната мрежа Инстаграм се појави профил кој јавно ширеше говор на омраза, а истовремено има голем број на следбеници од помладите генерации кои го искористија овој профил како платформа за ширење на хомофобични ставови и навредлив говор насочен кон ЛГБТИ заедницата“, стои во објавениот извештај.

    Се нотира и тепањето на ЛГБТИ-активистот Беким Асани од Тетово, хомофобичната изјава на пратеник од собраниска говорница и други случаи.

    Во споредба со регистрираните случаи на говор на омраза по останатите основи, една четвртина од вкупниот број се случаи на говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира