ИГОР ЈАНУШЕВ НЕ Е ВЕЌЕ ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА ВМРО-ДПМНЕ, МИЦКОСКИ ВЕЛИ СЕ ПОВЛЕКОЛ ОД ЛИЧНИ ПРИЧИНИ

    ИГОР ЈАНУШЕВ НЕ Е ВЕЌЕ ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА ВМРО-ДПМНЕ, МИЦКОСКИ ВЕЛИ СЕ ПОВЛЕКОЛ ОД ЛИЧНИ ПРИЧИНИМицкоски кажа дека иако на денешната седница на Централниот комитет не била поднесена никаква иницијатива за вонреден конгрес, тој лично поднел такво барање, но едногласно било одбиено. (Фото: СДК.МК)

    Игор Јанушев не е веќе генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски по денешната седница на Централниот комитет на партијата кажа дека Јанушев се повлекол од функцијата поради лични причини и во наредниот период ќе се изврши консултација со повеќе можни кандидати и во најбрз можен рок ќе се избере нов генерален секретар.

    Мицкоски кажа дека иако на денешната седница на Централниот комитет не била поднесена никаква иницијатива за вонреден конгрес, тој лично поднел такво барање.

    „Побарав свикување вонреден конгрес на кој јас нема да се кандидирам. Но откако ја напуштив просторијата, Централниот комитет едногласно го одби ова мое барање и со тоа ми даде полн легитимитет да раководам со партијата“, рече Мицкоски.

    На денешниот Централен комитет бил избран и новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Во него, покрај потпретседателите на партијата Александар Николовски и Владимир Мисајловски, се Иван Иванов поранешен пратеник, Сергеј Попов од Унијата на млади сили и кординаторот на пратеничката група Никола Мицевски. Членови се и Гордана Димитриевска-Кочовска која беше заменик-министер за финансии во техничката Влада, Рашела Мизрахи, Стефан Андоновски, советник во кабинет на Мицкоски, Марија Андоновска, пратеничките Олга Лозановска и Дафина Стојановска. Во Извршниот комитет ќе биде и доктор Вело Марковски, Трајко Славевски, Владимир Ѓорчев, полковник Владимир Ковачки, Коце Трајановски, Антонио Милошоски и доктор Кирил Пецаков.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира