КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ВИКЕНДОВ ЌЕ АНАЛИЗИРА КАКО СЕ ШИРИ КОРОНАВИРУСОТ НИЗ ЗЕМЈАВА, ПА ЌЕ ПРЕПОРАЧА НОВИ МЕРКИ

    КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ВИКЕНДОВ ЌЕ АНАЛИЗИРА КАКО СЕ ШИРИ КОРОНАВИРУСОТ НИЗ ЗЕМЈАВА, ПА ЌЕ ПРЕПОРАЧА НОВИ МЕРКИВо изминатото деноноќие се регистрирани рекордни 225 новозаболени од ковид-19 од 1.694 тестови, што е највисока бројка во земјава од почетокот на коронакризата. (Фото: К. Попов)

    Комисијата за заразни болести во текот на викендов ќе направи детална анализа на епидемиолошките податоци од прашалниците за да се утврди точно начинот на трансмисија на вирусот во повеќе општини, односно градови во државата, соопшти Министерството за здравство по попладневната средба на министерот за здравство со членовите на Комисијата.  Средбата беше поради регистрираните рекордни 225 новозаболени од ковид-19 од 1.694 тестови за 24 часа, што е највисока бројка во земјава од почетокот на коронакризата.

    Најмногу нови случаи на ковид-19 има во Скопје-96 и во Кочани 17, па следат: Куманово-8, Штип-7, Прилеп-8, Тетово-15, Струга-3, Велес-5, Битола-8, Охрид-2, Кавадарци-6, Гостивар-2, Гевгелија-1, Струмица-11, Крива Паланка-7, Радовиш-1, Пехчево-1, Берово-10, Валандово-3, Виница-1, Делчево-2, Кратово-1, Свети Николе-6, Кичево-4. Починати се уште 6 пациенти.

    „Врз основа на анализата  ќе заземеме став дали се потребни некакви мерки кои што би ги препорачале понатаму до Владата. Уште еднаш апелирам до сите граѓани да се почитуваат мерките. Очигледно дека сме пред почеток на една новонастаната есенска ситуација, којашто ја очекувавме. Ќе има дополнителни мерки доколку има зголемен број на заразени. Но, точната анализа на епидемиолошките прашалници ќе ни укаже на тоа која од мерките треба да ја препорачаме и во кој временски период“, вели министерот Филипче.

    На прашањето дали се размислува уште неделава да се воведе една од мерките коишто беа најавени, а се однесува на намалување на времето на работа на угостителските објекти или ограничување на бројот на маси, министерот Филипче изјави дека тоа ќе зависи од податоците коишто ќе произлезат од епидемиолошките прашалници.

    „Има уште неколку мерки коишто ги најавивме, но сакаме да се точно димензионирани и да ги препорачаме според оние податоци коишто ќе ги добиеме. Денеска и утре, во текот на викендов ќе работиме, па ќе излеземе со соодветни препораки“, рече министерот Филипче.

    Вкупно ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата се 18.363, оздравеа 15.164, починаа 749, а активни се 2.450.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира