Откако вчера се објави дека американскиот претседател и Доналд Трамп е позитивен на ковид-19 и со симптоми е пренесен в болница, сè повеќе вработени во Белата куќа носат маски отколку досега, што е знак дека ризиците од коронавирусот се сфаќаат посериозно. Позитивни се и советничката за комуникации, Хоуп Хикс и првата дама Меланија Трамп.
Во Вашингтон се шпекулира дека коронавирусот почнал да се шири минатата сабота на настанот на кој Трамп ја објави номинацијата на Ејми Кони Барет за судијка во Врховниот суд. Покрај Трамп и неговата сопруга, позитивни на коронавирусот се присутните на тој настан Рона Мекданиел, претседател на Републиканскиот национален комитет, Мајк Ли, републикански сенатор и претседател на Универзитетот во Нотр Дам, и свештеникот Џон Џенкингс.
Откако Трамп рече дека коронавирусот „ќе исчезне“, претставници на Белата куќа и многу републикански политичари избегнуваа носење маски и други протоколи кои здравствените власти ги препорачуваат да се запре ширењето на коронавирусот. Минатата сабота, членовите на Конгресот и претставници на Белата куќа седеа со Барет во затворени простории и близу еден до друг на церемонијата, многумина без маски.
Заменик-советникот за национална безбедност Мет Потингер, кој е на чело на Советот за национална безбедност, беше меѓу првите кои најконзистентно носеа маска во Белата куќа. Претходно, некои вработени го исмеваа зад грб затоа што носел маска на работа, вели извор од Белата куќа. Од вчера, на вработените во Советот им е наредено да носат маски во сите заеднички простории на Белата куќа и да избегнуваат непотребни посети на Западното крило.
Белата куќа од вчера препорачува маски и дистанцирање, но тоа не е задолжително.