ДА ЗАПРЕ ТЕРОРОТ И МАСАКРОТ ВРЗ ЛЕШНИЦА, РЕАГИРААТ МАКЕДОНСКИТЕ АЛПИНИСТИ ЗА ИЗГРАДБАТА НА ХИДРОЦЕНТРАЛИ НА ШАРА

    ДА ЗАПРЕ ТЕРОРОТ И МАСАКРОТ ВРЗ ЛЕШНИЦА, РЕАГИРААТ МАКЕДОНСКИТЕ АЛПИНИСТИ ЗА ИЗГРАДБАТА НА ХИДРОЦЕНТРАЛИ НА ШАРААлпинистите, како и невладини здруженија, еколошки и планинарски бараат спас за Лешница, затоа што досега се изградени 11 мали хидроцентрали, но се планира да се градат уште 15 на еден од најубавите предели на Шар Планина. (Фото: Ј. Божиноски)

    Македонската алпинистичка федерација (МАФ) најостро ја осудува изградбата на неколку мали хидроцентрали на Лешница, еден од најубавите предели на Шар Планина и инсистираат на запирање на овој, како што велат, неповратлив терор.

    Пред две недели, повеќе невладини здруженија, еколошки и планинарски друштва и жители на Тетово и селата Бозовце, Вешала, Вејце и Вратница се обединија и формираа иницијатива наречена „Зелен фронт против малите хидроцентрали“ преку која бараат спас за Лешница. Тие велат дека досега се изградени 11 мали хидроцентрали, но се планира да се градат уште 15.

    Федерацијата на чело со претседателот Илија Циривири вели Лешница е Шарпланински бисер – Алпи во Македонија. Сите овие епитети се заслужени, вели тој, и само ја утврдуваат тезата за естетските аспекти.

    Пустошот е системско уништување за изградба на неколку минихидроцентрали, реагираат алпинистите. (Фото: Ј. Божиноски)

    „Лешница, комерцијално новоткриениот рубин, за нас алпинистите со децении, и генерации низ тие децении, е исконскиот повик. Тука е создаван македонскиот алпинизам. Лешница е алпинистички локалитет со непроценлива вредност. Меѓутоа, врз тој предел од Шара сега на најбрутален и на најдрзок начин се врши масакар на сѐ она што подразбира планина, дивина, хармонија. Пустошот е системско уништување за изградба на неколку минихидроцентрали. Да, за развојот на светот потребни се нови енергетски ресурси, но не по оваа цена. Не по цена на геноцид. За нас алпинистите не е проблем бескрпулозната ‘урбанизација’ на бастионот на македонскиот алпинизам, туку уништувањето на дар за човештвото создаден од природата, бидејќи тоа е во срцето на најголемиот планински масив во Македонија“, стои во протестното писмо на МАФ.

    Минатата недела планинари ја чистеа Лешница, и во акцијата која траеше неколку часови беа собрани десетици вреќи со смет. Додека се одвиваше чистењето, се одржа и протест организиран од активистите на „Зелен фронт“, кој беше усмерен против изградбата на малите хидроцентрали.  Преку транспаренти „Спас за Лешница“, „Запрете ја хидромафијата“ и „Не го уништувајте срцето на Шара“, како и преку видеообраќање, беше побарано од надлежните државни институции итно да ја запрат изградбата на овој објект, кој, како што рекоа присутните, трајно ќе ги уништи Лешница и реката Пена.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира