Наставниците и учениците доследно да ги почитуваат мерките за заштита од ковид-19 и одговорно да се однесуваат и надвор од работните места и од училиштата со што ќе го спречат ширењето на болеста, апелира министерката за образование и наука Мила Царовска. Министерството за образование и наука (МОН) вчера соопшти дека од 1 октомври, од почетокот на учебната година досега во изолација се вкупно 53 ученици и 8 наставници. Имено, шест од вкупно осум наставници не биле во директен контакт со децата, бидејќи предавањата ги држат онлајн.
Во земјава вчера беа регистрирани 364 нови случаи на ковид-19, а активни се 3.147.
„Протоколите за заштита од заразата докажано функционираат, доколку сите се придржуваме на пропишаните мерки за заштита. Од целокупното одговорно однесување ќе зависи и продолжувањето на наставата со физичко присуство во училиштата. Министерството за образование и наука, заедно со Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести ги презема сите мерки, препораки, протоколи, алгоритми и укажуваме на целосно нивно почитување од страна наставниците, учениците и родителите“, вели МОН.
Оттаму додаваат дека над 80% од учениците ги следат часовите онлајн без никакви потешкотии. За останатиот дел кои немаат уреди или интернет конекција часовите се емитуваат на телевизија преку Македонската радиотелевизија (МРТ), а наставниците имаат обврска да им доставуваат печатени материјали и да бидат во постојана комуникација со учениците за да го следат нивниот напредок во совладувањето на наставниот материјал.
Б. НЕСТОРОСКА