АКО БУГАРИЈА ОСТАНЕ НА БАРАЊАТА, ТРЕБА ДА ГО ПОДГОТВИМЕ МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ДЕКА НЕМА ДА ПОЧНАТ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ, КАЖА ЗАЕВ

    АКО БУГАРИЈА ОСТАНЕ НА БАРАЊАТА, ТРЕБА ДА ГО ПОДГОТВИМЕ МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ДЕКА НЕМА ДА ПОЧНАТ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ, КАЖА ЗАЕВ„Ќе изнајдеме јас и мојот брат Бојко решение“, кажа Заев. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев кажа дека разговорите меѓу бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева и македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи не биле добри и ако Бугарија остане на тоа што го предложила, македонскиот народ треба да се подготви дека во декември нема почнат пристапните преговори со Европската унија.

    „Разговорите меѓу министерот за надворешни работи Бујар Османи и премиерот Бојко Борисов беа добри, но разговорите меѓу министерката Екатерина Захариева и министерот Османи не се баш добри. Тоа што е предложено од таа страна ниту е добрососедство, ниту е братство, а најмалку европски и ако тоа така остане треба да го подготвиме нашиот македонски народ дека може да не отпочне првата меѓувладина конференција која што ја очекуваме во декември“, кажа Заев во Пробиштип, одговарајќи на новинарско прашање за завчерашната посета на Османи на Софија.

    Сепак, Заев верува дека тоа не е став на премиерот Борисов мојот пријател, ниту став на бугарскиот народ, без да открие што предложила Бугарија.

    „Ние ќе направиме сè во овие претстојни денови да најдеме решение. Ние ја прифативме заедничката историја или општата историја како што ја викаат во пријателска Бугарија. Ние имаме и посебна историја и убеден сум дека постојат решенија на проблемите. Ќе изнајдеме јас и мојот брат Бојко решение. Решивме пет историски личности и три историски периоди и верувам дека и овој следен четврти ќе го решиме. Убеден сум дека и претседателите на двете земји Пендаровски и Радев ќе дадат поддршка на овој процес и заедно ќе покажеме европски вредности и меѓусебна поддршка“, додаде Заев.

    Во март Европската унија донесе одлука за безусловен почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и се очекува меѓувладината конференција да се одржи до крајот на годината, за време на германското претседателство. Бугарија во септември испрати објаснувачки меморандум до земјите членки на ЕУ, во кој, меѓу другото, тврди дека македонскиот јазик не постои и е дијалект на бугарскиот јазик, како и дека македонскиот народ е проект на Тито.

    Со меѓувладината конференција официјално почнуваат пристапните преговори, но за да се случи таа, сите земји членки треба да ја усогласат преговарачката рамка, процес што во моментов го блокира Бугарија, барајќи отстапки за историјата и македонскиот јазик.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира