АКО МЕНЕ МЕ ПРАШУВАТЕ, ЈАЈЦЕТО Е ДОБАР ПРОЕКТ ЗА НОВА КОНЦЕРТНА САЛА ВО СКОПЈЕ, КАЖА МИНИСТЕРКАТА СТЕФОСКА

    АКО МЕНЕ МЕ ПРАШУВАТЕ, ЈАЈЦЕТО Е ДОБАР ПРОЕКТ ЗА НОВА КОНЦЕРТНА САЛА ВО СКОПЈЕ, КАЖА МИНИСТЕРКАТА СТЕФОСКАГрадоначалникот Петре Шилегов, министерката за култура Ирена Стефоска и вицепремиерот за економски прашање Фатмир Бетиќи денеска ја најавија реконструкцијата на Универзална сала, за што со ребалансот на државниот буџет се обезбедени 2 милиони евра. (Фото: К. Попов)

    Реновирањето на Универзална сала не значи дека се откажуваме од проектот за изградба на нова концертна сала на друга локација во Скопје, кажаа градоначалникот Петре Шилегов и министерката за култура Ирена Стефоска. Тие денеска заедно со вицепремиерот за економски прашање Фатмир Битиќи ја најавија реконструкцијата на Универзална сала, за што со ребалансот на државниот буџет се обезбедени 2 милиони евра.

    Градоначалникот Шилегов кажа дека се одлучиле да ја реновираат Универзална по широката поддршка од јавноста за идејата Универзална сала да се сочува во постојната форма, на постојната локација.

    „Реконструкцијата на Универзална сала по проект којшто ќе ја задржи постојната големина и облик е оптимално и единствено разумно решение за повторно ставање во функција на овој објект. Со оваа реконструкција ја исполнуваме и спроведуваме на дело волјата на граѓаните во однос на Универзалната сала, но истовремено мора да нагласиме дека оваа реконструкција не ги задоволува среднорочните и долгорочните потреби за културата во градот. Изградбата на нова концертна сала со придружни конгресни капацитети, со обезбеден паркинг и соодветно сообраќајно решение за пристап до салата, и ред други просторни и технички стандарди за ваков тип на објекти е нешто што мора да му се случи на Скопје час поскоро. Убеден сум дека наскоро и за тоа ќе успееме да обезбедиме средства и за изградбата на ваква нова сала“, кажа Шилегов, кој смета дека новата сала треба да се гради на местото на оранжериите на ЈП „Паркови и зеленило“.

    Проектот за изградба на салата во форма на јајце на на архитектите Стојан Павлевски и Иван Симеонов од „Стоун дизајн“ од 2013 беше отфрлен поради финансиски причини. (Архивска фотографија од идејното решение)

    Министерката Стефоска кажа дека се прават големи напори во буџетот на Министерството за култура за 2021 да бидат предвидени пари за да се почне со градење на новата концертна сала, за која, како што кажа, веќе постои проект. На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК за кој проект станува збор, со оглед дека има неколку проекти од минатата власт за реконструкција на Универзална, меѓу кои и проектот Јајце, Стефоска одговори „Ако мене ме прашате, Јајцето. Еве, зошто да не, тој е работен проект, подготвен е, но исто така разгледуваме и други можности“.

    Универзална сала е затворена речиси 6 години, односно од 10 март 2015, кога на партиската трибина лидерот на СДСМ Зоран Заев ја пушти бомбата број 8 за изборни измами. По завршување на трибината на Заев, парче од таванот се откорна и падна врз седиштата. Тоа беше причина да се одложат сите планирани настани во Универзална, а одговорните тогаш одлучија место да го санираат само таванот, да се почека целосната обнова на салата.

    Тогаш беше актуелен проектот објавен во декември 2013, според кој салата требаше да се урне, а на нејзино да место да се изгради целосно нов објект во форма на јајце. Новата сала требаше да се гради според проектот на архитектите Стојан Павлевски и Иван Симеонов од „Стоун дизајн“, со голема сала со 2.500 до 3.000 седишта, мала за камерни изведби со околу 300 места и административни простории. Овој проект едногласно го избра деветчлена стручна комисија, под претседателство на архитектот Вангел Божиновски. Но во март 2016, од финансиски причини беше откажана изградбата на салата во форма на јајце, а Министерството за култура најави дека обновата на Универзална ќе биде по проектот од пред десетина години на „Архангел бојс“, според кој се задржува сегашниот изглед, но салата се надградува со застаклена галерија околу целиот објект и се зголемува бројот на седишта за 200.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира