Нема да дозволиме градовите да бидат завиени во мрак, на граѓаните им е потребна зрак светлина во тешкиот период со коронавирусот, велат од СДСМ откако ВМРО-ДПМНЕ неколку дена бара Град Скопје и општините да се откажат од новогодишно украсување поради пандемијата на ковид-19. Од владејачката партија денеска соопштија дека новогодишно украсување во градовите ќе има, но средствата кои ќе се потрошат ќе бидат намалени за разлика од минатите години.
„На граѓаните им е потребна зрак светлина во тешкиот период со коронавирусот, особено во она малку време што можат да го поминат надвор, за време на празниците. Во време кога коронавирусот негативно влијае и врз менталното здравје на граѓаните, мрачниот Мицкоски сака општините, градовите да бидат завиени во мрак, и тоа во периодот на новогодишните и божиќните празници“, се вели во партиското соопштение.
Денеска советничката во Советот на Град Скопје Ирена Попова на прес-конференција во партиското седиште побара градоначалникот Петре Шилегов да се откаже од украсувањето на градот, а со парите да се купат лаптопи за учениците од средните училишта.
Од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, од почетокот на пандемијата па досега, не донираа ниту еден денар, не се откажаа од платите во Собрание, од паушалите во Советите на општините, не донираа ниту една маска или средство за дезинфекција.
„Мрачниот некрофил Христијан Мицкоски се радува на починати, ама се радува и на мрак, оти такви мрачни му се сите политички дејствувања“, велат од СДСМ.
Кумановскиот градоначалник градоначалникот Максим Димитриевски кој е од СДСМ, пак, денеска изјави дека Општина Куманово, која минатите години трошеше околу 20.000 евра за новогодишно украсување на градот и огномет, со тие пари ќе купи таблети и друга електронска опрема за учениците од ранливите семејства. Димитриевски рече дека тој веќе дал предлог до Советот со ребалансот на буџетот овие средства да се пренаменат.
А. АНТЕВСКА