На патот Долно Косоврасти – Дебар се појави одрон по попладневниот земјотрес со јачина од 4,9 степени по Рихтеровата скала, регистриран во 15.25 часот во близина на Гостивар. Од АМСМ велат дека поради одрон, патот Маврово – Дебар е затворен и се работи на расчистување и обезбедување на проток на сообраќајот.
Пријавени се и поголеми одрони на патниот правец Маврово – Галичник кај Царевец, поради што е потребна поголема внимателност при возењето.
Месната заедница Галичник соопшти дека по попладневнот земјотрес има штета во одделни куќи во селото.
Според податоците на Европско-медитаранскиот сеизмолошки центар, епицентарот на попладневниот земејотрес бил на 19 километри југозападно од Гостивар, на 10 километри длабочина. Утрово имаше земјотрес со јачина од 5 степени со епицентарот на 8 километри југозападно од Вруток, Гостиварско, кај Мавровското Езеро, а во текот на денот следуваа неколку помали земјотреси. Нема пријавено материјална штета.
Посилните земјотреси беа почувствувани на поширока територија во Македонија и делови од Албанија, како и во главниот град Скопје.