ОД КОВИД-19 ПОЧИНА 49-ГОДИШЕН ИНТЕРНИСТ ОД КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА

    ОД КОВИД-19 ПОЧИНА 49-ГОДИШЕН ИНТЕРНИСТ ОД КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦАД-р Шукри Фазлији беше вработен на Интерното одделение во Општата болница Куманово. (Фото: СДК.МК)

    Специјалистот по интерна медицина д-р Шукри Фазлији (49) од Куманово, почина на Инфективната клиника во Скопје, од последици на ковид-19. Д-р Фазлији беше вработен на Интерното одделение во Општата болница Куманово. Информацијата ја потврди директорката Снежана Захариева, која вели дека многу ги потресла веста за смртта на колегата и губитокот на уште еден професионалец во колективот.

    „За жал, денеска бевме известени дека уште еден наш колега ја изгуби битката со коронавирусот. Тој пред десетина дена почувствувал симптоми кои наликуваа на настинка, но подоцна се видело дека се класични симптоми на коронавирус. Тој одлучил околу една недела да прима терапија и да се лекува дома и покрај нашето инсистирање да дојде на Инфективното одделение. Во понеделникот беше донесен во тешка состојба и веднаш беше префлен на Инфективна клиника во Скопје. Пред два дена се слушнавме и ми рече дека се чувствува подобро, се надевав дека ќе ја извојува оваа битка, но состојбата му се искомплицирала и очигледно дека болеста земала замав. Тој имаше и одредени коморбидитети кои во комбинација со вирусот биле фатални по неговото здравје“, изјави директорката Захариева.

    Таа апелира до граѓаните сериозно да ја сфатат опасноста од коронавирусот, да користат лична заштитна опрема, да се води грижа за здравјето воопшто, а посебно да се бара здравствена помош при првите симптоми, бидејќи вирусот не бира возраст и пол, туку подеднакво ги напаѓа сите.

    Ова е втор случај на починат лекар во Кумановската болница од последици на коронавирусот. Пред еден месец почина хирургот Драган Тасевски.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира