МАТИЧНИТЕ ЛОВАТ ТЕРМИНИ ЗА ВАКЦИНИ ПРОТИВ ГРИП, ОД МИНИСТЕРСТВОТО ВЕЛАТ ДЕКА ИМА ЗА СИТЕ, АМА МЕНАЏИРААТ ЗА ДА НЕ СЕ ПРАВИ ГУЖВА

МАТИЧНИТЕ ЛОВАТ ТЕРМИНИ ЗА ВАКЦИНИ ПРОТИВ ГРИП, ОД МИНИСТЕРСТВОТО ВЕЛАТ ДЕКА ИМА ЗА СИТЕ, АМА МЕНАЏИРААТ ЗА ДА НЕ СЕ ПРАВИ ГУЖВАСо ова темпо на вакцинација, 40.000 вакцини ќе се потрошат за 33 недели. А вакцинацијата треба да заврши во рок од 2-3 недели, инаку нема логика некој да се вакцинира откако ќе почне сезоната на грип. Од вакцинирањето во Велес - (Фото: СДК.МК)

Матичните лекари се под огромен притисок на своите пациенти бидејќи не можат да најдат слободен термин за вакцинирање против сезонски грип, а од Министерството за здравство уверуваат дека вакцини има за сите, само што системот прави менаџирање на термините за да не се прави гужва. Граѓаните треба да закажат термини за бесплатно вакцинирање преку својот матичен лекар, но не успеваат иако за оваа година се набавени 40 илјади дози, што е 12 илјади дози повеќе од минатата годината.

Матичните лекари реагираат дека пациентите уште од 1 септември ѕвонат кај нив, последниве месец дена и по 2-3 пати на ден и ги молат да ги памтат за кога ќе стигне вакцината. Лекарка од Скопје вели дека матичните лекари, покрај сите обврски со ковид пациентите, ја добија и оваа за закажување за вакцини за грип, а на пуштени термини не можат да закажат затоа што во системот им пишува „несоодветна установа“, а од здравствените власти добиле и закана за инспекција оти „го манипулирале системот“.

„Кој фати, кој не фати термин, закажавме на дел, дел останаа незакажани, некој има закажано, ама е во изолација, фамилијата му е во изолација, за да презакажеме на друг кој останал без термин, станавме ‘несоодветни установи’ и од некој што е задолжен само да пушта термини, бевме обвинети дека го злоупотребуваме системот и добивме закана со Државен санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ)“, вели лекарката. За петокот вели дека цел ден чекала пред компјутер да улови некој термин, за било каде во Скопје. Сите речиси 700 термини за цела наредна недела, за Скопје биле зафатени за 5 минути.

„Со ова темпо на вакцинација, 40.000 вакцини ќе се потрошат за 33 недели. А вакцинацијата треба да заврши во рок од 2-3 недели, инаку нема логика некој да се вакцинира откако ќе почне сезоната на грип“, вели нашата соговорничка.

Од над 600 матични во Скопје, со ова темпо и оваа математика излегува дека секој лекар може да закаже само 1 до 2 пациенти неделно. За понеделник нема термин во ниту еден здравствен дом – (Принтскрин од системот Мој термин)

До нашата редакција стигна и реакција од матична лекарка од Крушево дека вакцината за сезонски грип не ни стигнала во Крушево.

„На пат од Скопје за Крушево се изгуби во Прилеп т. е. Центарот за јавно здравје си ја распредели во Прилеп веројатно на своја рака. Граѓаните во Крушево останаа без вакцина и никој не понесува одговорност. Веројатно моралната одговорност не постои, оти во Крушево изгледа не живеат луѓе. Се прашувам што е со кривичната одговорност и дали некој ќе ја понесе?“, вели докторката што ја контактираше редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК.

Пред два дена реагираше д-р Христина Прошева, координаторка на матичните лекари од општините Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран, каде што од повеќе од 24 матични лекари се направени списоци на преку 2.500 пациенти за пријавување преку Мој термин. Како што пренесе државната агенција МИА, таа ги замоли пациентите да не вршат притисок врз матичните лекари затоа што никогаш досега не им бил посочен точниот број на термини, а само за една вечер биле креирани само 28 термини од овие општини за пациенти кои можат бесплатно да се вакцинираат.

„Само 28 граѓани за вакцинација против сезонски грип од долгите списоци на 24 матични лекари е математика што ја оставам за попаметните. Со ова соопштение сакаме само да ви ја објасниме ситуацијата и искрено да ве замолиме за разбирање дека ние, матичните лекари, не успеавме на сите да ви закажеме термин за вакцинација против сезонски грип. Немаме никаква информација од надлежните со оглед и на ситуацијата со ковид-19, што и како ќе се случува понатаму“, рече д-р Прошева.

Од Министерството ни рекоа дека по спроведените анализи на начинот на закажување на термин за вакцинација против сезонски грип не се утврдени недостатоци, туку станува збор за системско менаџирање на термините за вакцинација.

„Имено, се наоѓаме во период на вонредна здравствена состојба каде физичка и временска дистанца помеѓу пациентите се клучен фактор за зачувување на здравјето на луѓето во овој момент. Од таа причина системското менаџирање на вакцинација е клучен фактор. Секој петок од тековната недела се отвараат термините за вакцинација за наредната недела“, велат од Министерството за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Трета година по ред, вакцината против сезонски грип е бесплатна за лица над 65 години, лица со хронични заболувања, бремени жени, здравствени работници и деца до 5 години. Цената за приватно вакцинирање е 800 денари.

Кога во вторникот почна вакцинацијата, за неколку часа се продадоа сите вакцини против сезонски грип на приватно во Скопје. Во Центарот за јавно здравје Скопје се продадоа сите 2.000 дози од по 800 денари, а доскорешниот директор Александар Стојанов кажа дека чекаат да добијат уште 2.000 вакцини кои сè уште не им се испорачани.

Министерството деновиве соопшти дека здравствените работници во земјава за првпат ќе може бесплатно да се вакцинираат против сезонски грип во нивните матични установи, наместо да одат како и досега во Центрите за јавно здравје. Во првата испорака до установите се обезбедија 2.790 вакцини. Од Министерството велат дека во најбрз рок ќе бидат испорачани и дополнителни количини поради големиот интерес помеѓу здравствените работници.

Б. НЕСТОРОСКА


    ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


    Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира