САД ги повикаа Бугарија и Северна Македонија да ги решат билатералните спорови надвор од пристапниот процес, за да се постигне заедничката цел за членство на Македонија во Европската Унија, изјави за Гласот на Америка портпаролот на Стејт департментот.
„Ние сме јасни во нашата желба да видиме кандидатурата на Северна Македонија да влезе во преговарачката рамка до крајот на оваа година“, рече портпаролот на Стејт департментот, нагласувајќи дека ги поздравува напорите за преговори, како и дека „одлуката на ЕУ во март, да ги отвори пристапните преговори со Северна Македонија беше позитивен чекор, и го негираше лажниот наратив дека трансатлантската заедница го запоставила Балканот“.
Тој кажа и дека САД се силен поддржувач на евроатлантската интеграција на Западниот Балкан.
„Одложувањето на пристапот на овие држави во ЕУ ризикува да се обноват прашањата за кредибилноста на ЕУ во регионот. Процесот на проширување промовира долгорочен мир, стабилност и просперитет низ регионот“, изјави тој.