Три малолетни девојчиња од Македонија во периодот од 2019 до 2020 година биле првин демнети на Фејсбук, а потоа станале жртви на демначот кој ги силувал повеќепати. Демнењето во нашите закони никаде не е спомнато и затоа се случува секому. Секој може да ве следи физички, но и онлајн, што е во страшен пораст во светот. Тоа секогаш е со некаква цел, праксата покажува дека покрај вознемиреноста и стравот, жртвата трпи и многу потешки последици.
„Првата жртва била контактирана од страна на осомничениот преку социјалната мрежа Фејсбук. Осомничениот ѝ испратил порака дека за неа има слики со компромитирачка содржина, со закана дека ќе ги сподели јавно и со нејзините родители ако не се сретнат. За време на средбата, осомничениот со закани и наредби, ја принудил да се соблече и навистина ја фотографирал жртвата без облека. Потоа со закани и уцени во наредните три месеци постојано ја принудавал да се гледаат, кога и ја принудувал на сексуални односи, во спротивно ќе ги објавел фотографиите. Истото однесување, односно истиот начин на сторување на кривичното дело е пресликан и со втората и со третата жртва. Жртвите се фотографирани од страна на сторителот, извршена е обљуба и под закани и уцени и по извршување на кривичните дела, се принудувани да се гледаат со сторителот“, велат од Македонското здружение на млади правници, кои го работеле овој случај.
Демнењето, кривично дело кое досега го немаше во ниту еден наш закон, за првпат влегува во новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Демнењето се забранува, а тој што ќе демне и следи некого ќе се соочи со казна затвор до 3 години. Ако бил(а) во љубовна врска или во брак со жртвата, казната што се предвидува со измените на Кривичниот законик, е до 5 години затвор.
Член 11 од Законот за спречување и заштита од насилство врз жените, вели: „Демнење е секое намерно однесување на повторено заканување насочено кон друго лице што предизвикува лицето да се плаши за својата безбедност“.
Законот дефинира и други родово базирани насилства врз жената и семејно насилство, како: физичко насилство, психичко насилство, економско насилство каде на жртвата и се зема личниот доход и се остава финансиски немоќна, потоа сексуално насилство, сексуално вознемирување.
Законот под терминот „жена“ ги подразбира и девојчињата под 18 години.
Член 14 вели:
„(1) Сексуално вознемирување е секое вербално, невербално или физичко однесување од сексуална природа со цел или последица повреда на достоинството на лицето, особено кога се создава заканувачка, непријателска, деградирачка, понижувачка или навредлива средина.
(2) Сексуално вознемирување преку интернет е несакано вербално, невербално или друго постапување од сексуална природа, што има цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика.
За првпат се дефинира во закон и се забранува: присилен брак, женско генитално осакатување, присилен абортус и стерилизација, трговија со луѓе.
Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кој влезе во собраниска процедура, е многу сеопфатен и тој се носи за првпат кај нас. Произлезе од порастот на насилството врз жената и семејното насилство. Само во пандемијата со коронавирус овие насилства пораснаа уште за 25%.
Со законот се уредува постапувањето на институциите со должно внимание при заштитата на жените од сите форми на родово-базирано насилство и жртвите на семејно насилство; услугите за заштита на жртвите; меѓусебната координација на институциите и организациите; мерките за превенција од родово-базираното насилство врз жените и семејното насилство; и собирањето на податоци за родово-базираното насилство врз жените и семејното насилство.
Мајка на две деца која живее во внатрешноста на Македонија, вработена, со месечни приходи во висина на минимална плата, подолг временски период е жртва на физичко, психичко, финансиско и сексуално насилство од страна на својот сопруг. Таа живее пеколен живот, зашто не е во состојба да ја ужива законската можност да биде привремено сместена во шелтер центар во општината кај што живее, бидејќи таму шелтер центар не постои.
„Ако жртвата се одлучи да ја напушти насилната средина и се одлучи да биде сместена во шелтер центар во Скопје ќе го изгуби своето работно место бидејќи нејзините ниски приходи и грижата за децата не дозволуваат секој ден да патува од Скопје до местото каде е вработена во друг град“, велат во Македонското здружение на млади правници, каде што жртвата го пријавила семејното насилство.
Здружението учествуваше во изработка на Предлог-законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и упатува дека токму со него се решава овој основен проблем, недостатокот од шелтер центри во различни делови од државата, кој влијае на други неопходни права на жртвите.
Жената жртва на семејно насилство ќе има каде да оди откако ќе пријави. Во законот се решава проблемот со прифаќање, сигурно сместување, здравствен третман и правна помош на жената која е жртва на семејно насилство, а не како досега, на немилост на тој што ја тепа, врзува, малтретира, силува.
Услуга за интервентно сместување на жени, член 51:
(1) Интервентно сместувањето на жртвите во Кризен центар, кое може да трае од 24 до 72 часа, се врши во акутна состојба на насилство кога постои сериозна реална закана по животот и здравјето на жртвата.
(2) Покрај сместување, кризниот центар обезбедува и здравствена заштита, кризна интервенција и поддршка на жртвите.
Услуга за згрижување на жени и нивните деца, член 52:
(1) Згрижувањето се врши во центарот за згрижување на жени жртви на родово-базирано насилство и нивните деца кога постои сознание за реална закана по животот и здравјето на жртвата или во отсуство на други ресурси за згрижување.
(2) Покрај сместувањето, во центарот жртвите добиваат психосоцијална поддршка, а може да добијат и третман за надминување на траума, вклучување во активните мерки за вработување на жртвата со цел вклучување во пазарот на трудот и постигнување на финансиска независност и други услуги согласно потребите на жртвата.
(3) Сместувањето во центарот за згрижување може да трае најмногу три месеца со можност за продолжување најмногу до една година.
Услуга за згрижување на жени жртви на сексуално насилство, член 53:
(1) Згрижувањето на жртви на сексуално насилство се врши во центар за жртви на сексуално насилство со цел нивно привремено прифаќање и згрижување.
(2) Покрај сместувањето, во центарот жртвите добиваат психосоцијална поддршка, третман за надминување на траума, правно советување и други услуги согласно потребите на жртвата.
(3) Сместувањето во центарот се обезбедува најмногу до шест месеци.
Сместувањето ќе го плаќа Министерството за труд и социјала, здравствената грижа и лекување Министерството за здравство, правната помош Министерството за правда, додека МВР, обвинителството и судовите го гонат сторителот кривично.
С. К. ДЕЛЕВСКА