ТЕТОВЧАНКА МОЛЕЛА ЗА ПОМОШ ДОДЕКА ЈА ТЕПАЛ СОПРУГОТ, ПОЛИЦИЈАТА НЕ ИНТЕРВЕНИРАЛА ОТИ БИЛ ПОЗИТИВЕН НА КОРОНАВИРУС

ТЕТОВЧАНКА МОЛЕЛА ЗА ПОМОШ ДОДЕКА ЈА ТЕПАЛ СОПРУГОТ, ПОЛИЦИЈАТА НЕ ИНТЕРВЕНИРАЛА ОТИ БИЛ ПОЗИТИВЕН НА КОРОНАВИРУСТетовските полицајци ѝ се јавувале на жената во опасност по телефон, за да слушаат што се случува „во живо“ во куќата, додека насилникот ја малтретирал сопругата пред децата. (Фото: СДК.МК)

Тетовската полиција завчеравечер околу 22 часот не влегла да интервенира во семејна куќа во градот по пријава за тешко семејно насилство од жена, додека ја тегнел и тепал сопругот пред двете малолетни деца. Не влегла, затоа што насилникот бил позитивен на коронавирус и со развиени симптоми, а полицајците немале заштитна опрема.

Полицијата ѝ се јавувала на жената во опасност по телефон, да слушаат дежурните што се случува „во живо“ во куќата, додека насилникот ја малтретирал сопругата пред децата.

Последниот напад бил синоќа, но жената подолго време била држена во страв од насилниот сопруг, била тепана, силувана, демнета и оставана без приходи.

„Насилствата врз жртвата Н.Н. се неколку пати пријавувани во полиција. Насилникот, во последната недела развил симптоми на вирусот ковид-19 и е позитивен. Насилството се повторува, заедно со синоќешната најнова пријава во полиција. Одговорот од надлежната полициска станица бил: ‘Не можеме да преземеме интервенција во конкретниот случај, бидејќи сторителот е позитивен на ковид-19’ “, вели Весна Дишлијовска од Македонското здружение на млади правници (Фото: СДК.МК)

Заразениот насилник утрово заминал во едно од тетовските села, во самоизолација, а Македонското здружение на млади правници, каде жртвата го пријавила случајот, веќе ѝ испратило адвокат да ја придружува во постапката пред органите на прогонот. Здружението поднело барање и за бесплатна правна помош за да ја застапува пред суд за изрекување привремени мерки против сопругот за заштита од семејно насилство.

„Н.Н е жртва на семејно насилство од страна на сопругот, во форма на вербално и невербално заплашување, силување, принуда, демнење, физички напади, одземање на месечна заработка итн. Како индиректни жртви се јавуваат и нивните малолетни деца кои најчесто се сведоци на силувањето и генералното насилство. Настаните се неколку пати пријавувани во полиција. Насилникот, во последната недела развил симптоми на вирусот ковид-19 и е позитивен. Насилството се повторува, заедно со синоќешната најнова пријава во полиција. Одговорот од надлежната полициска станица бил: ‘Не можеме да преземеме интервенција во конкретниот случај, бидејќи сторителот е позитивен на ковид-19’. Непреземање активности за заштита и необезбедување потребна помош во услови на ранливост на жртвата и опасност од нејзино и загрозување на здравјето на децата е недопустливо и неправилно“, вели Весна Дишлијовска, од Македонското здружение на млади правници која ги работи случаите за поддршка на ранливите жртви на насилни кривични дела.

Македонското здружение на млади правници стана препознатливо по барање спас таму од многу жртви на семејно и родово базирано насилство, како што најновиот случај од пред два дена. Здружението работи во рамки на Проектот „Правна поддршка на ранливи жртви на насилни кривични дела“ и е финансиран од ЕУ. Оттаму велат дека токму МВР, преку Бирото за јавна безбедност, со давање на населението на флаери и брошури, се најзаслужни за информирање на населението дека може да пријават семејно насилство и во Здружението.

За случајот со тетовката, од МВР соопштија:

„На 17.11.2020 година, 33-годишна тетовка во СВР Тетово пријавила поплака против нејзиниот 40-годишен сопруг, кој во алкохолизирана состојба се расправал со неа и неговата мајка и одбивал да замине во самоизолација во нивната куќа во тетовско село, како што тие му предлагале, а дента добил резултат дека е позитивен на ковид-19. Веднаш е воспоставен телефонски контакт со пријавениот и тој бил предупреден. На 4.11.2020 година 33-годишната тетовка во СВР Тетово пријавила дека нејзиниот сопруг претходниот ден, неа и на децата им се заканувал по животот и дека подолго време психички и физички ја малтретирал, но таа, според пријавеното, не го пријавувала во полиција. Случајот се уште се работи и ќе следува соодветен поднесок“.

„Што се однесува до тоа, дали СВР Тетово располага со потребната заштитна опрема за преземање на мерки во случаи во кои се инволвирани лица, позитивни на ковид-19, СВР Тетово располага со ваква опрема и истата полициските службеници ја употребуваат според направена проценка“, се вели во одговорот од МВР.

С. К. ДЕЛЕВСКА


ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира