Германската полиција покрена истрага за исчезнувањето на дрвена скулптура во облик на пенис, која беше поставена на планина во Баварија. Два метра високата скулптура наводно била исечена изминатиот викенд, објавија локалните медиуми.
Статуата со години стоеше на планината Гринтен, југозападно од Минхен и од неа сега е останат само трупец. Не е познато кој е автор на скулптурата, која беше обележје на 1.738 метри високиот Гринтен и привлекуваше голем број планинари. Таа дури и на Гугл мапс беше означена како „културен споменик“.
Никој не знае и како 200 килограми тешката скулптура била искачена на врвот на Гринтен. Според една теорија, таа била роденденски подарок, што група млади луѓе на шега ја направила за еден нивни пријател. Откако подарокот не бил прифатен, тие ја однеле на санка до врвот.
„Не знаеме дали ова е криминален прекршок или не“, изјави портпаролот на локалната полиција, додавајќи дека тешко може да се утврди кој е оштетена страна, затоа што скулптурата нема ни сопственик.